🕮 Јарињата Брусе одат на училиште

Бјорн Ф. Рорвик (1964) е норвешки автор на детски книги. Дипломирал на одделот за медиуми на Универзитетскиот колеџ „Волда“ со специјализација за филм и телевизија. По дипломирањето, работел со филмски и видео за компании и деца, како кинооператор и радиотехничар. Рoрвик дебитирал како автор во 1996 година, a книгата „Јарињата Брусе одат на базен“ е најпродаваната детска книга на деценијата во Норвешка за периодот од 2008 до 2017 година.
Гри Моурсунд (1969) е норвешкка илустраторка и авторка на книги за деца. Илустрациите на Моурсунд се маестрални и добро осмислени, богати со содржина, шарени и раскажуваат своја приказна. Моурсунд е добитничка на неколку награди за нејзините илустрации на детски книги. Во 2011, 2012 и 2013 година била номинирана за престижната меѓународна награда „Астрид Линдгрен“.

Јасминка Марковска е преведувачка и писателка од Скопје. Дипломирала на Катедрата за компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, како и на Универзитетот „Ратгерс“ во Њу Џерси, САД. Магистрирала на Универзитетот во Осло, Норвешка. Авторка е на неколку драми, поезија и книжевни есеи. Превела повеќе прозни и поетски дела на и од англиски, норвешки и македонски јазик. Во моментов живее во Норвешка.

🕮 Крилче

Клаудија Лагерман студирала педагогија и комуникациски науки во Амстердам. Работела како уредник во холандскиот детски весник „Kidsweek“ и како развивач на детски програми за холандската национална телевизија. „Крилче“ е нејзината прва сликовница.
Илустраторката Ханке Сименсма студирала ликовни уметности на Кралската академија за уметности во Хаг. За нејзината работа на книгата „Малиот мудар волк“, Ханеке била номинирана за медалот „Кејт Гринавеј“ на CILIP за 2020 година. Живее во Амстердам.

Маја Лазаревска работи во издавачкиот сектор уште од 2010 година како уредничка, преведувачка, организаторка на целокупното издавачко работење, организираторка на многубројни културни настани. Од 2016 година отвора нова издавачка куќа, „Артконект“, во која работи како главна и одговорна уредничка и управителка. Преведувачка е на книгите „Викторина“ од Јет ван Оверим и Анемари ван Херинген (2023) и „Трошки на хартија“ од Мариј Росен (Артконект, 2023); коавторка е на преводот на книгите „Дождец и Капка“ од Деница Илчева и Асја Колева (Артконект, 2021) и „Мечка страв“ од Марин Бодаков (Артконект, 2022). Објавила преводи на избор поезија на поетите Јаница Радева, Марин Бодаков и Мариј Росен на интернет страницата на „Артконект“.

🕮 М како море

Јоана Консехо (1971) е родена во Слупск, Полска. Студира на Академијата за ликовни уметности во Познан, а подоцна се преселува во Франција, каде работи како илустраторка и уметница. Работи и како професорка на неколку уметнички академии во Италија. Нејзините дела се изложувани на триесетина самостојни и групни изложби низ целиот свет. Консехо е авторка на илустрации за повеќе книги за деца и млади од значајни автори, како Олга Токарчук, Џована Зоболи, Артур Скриабин итн. Во 2008 година ја објавува својата прва книга за деца, „Господин Никој“. Потоа следуваат и книгите „Големо и мало“ и „М како море“, објавени во 2020 година. Јоана Консехо пишува на италијански и на француски јазик, а нејзините книги се наградени со значајни признанија и преведени на десетина јазици.

Анастасија Ѓурчинова, есеистка и преведувачка, работи како професорка по Италијанска книжевност на Катедрата за италијански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзини полиња на интерес се италијанистиката, компаратистиката, преведувачките студии и транскултурните релации.
Преведува од италијански на македонски јазик. Има преведено книги од Џовани Бокачо, Николо Макијавели, Итало Калвино, Клаудио Магрис, Николо Аманити, Паоло Џордано, Сандро Веронези, Фабио Џеда, Наталија Гинзбург, Џерардо Мазучо.
За својата преведувачка дејност двапати ја добила наградата „Златно перо“, доделена од Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија, како и Националната награда за преведувачки опус доделена од Министерството за култура на Република Италија.

🕮 Капчо и китот

Катерина Бабкина (1985) е украинска писателка. Студира новинарство во Киев и извесно време работи како новинарка, објавувајќи текстови во повеќе домашни и странски списанија и весници.
Пишува поезија, раскази, романи, драми, книги за деца. За романот „Дедо ми танцуваше најдобро од сите“ (2019) ја добива наградата „Ангелус“ во 2022 година. Нејзините книги се преведени на петнаесетина јазици, а меѓу нив како позначајни се издвојуваат романот „Соња“ (2013), збирката раскази „Среќни голи луѓе“ (2016), поетската збирка „Не боли“ (2021), како и книгите за деца „Година на тиквата“ (2014) и „Капчо и китот“ (2015).

Калина Малеска е писателка, професорка по англиска книжевност, книжевна преведувачка.
Авторка е на неколку збирки раскази, една драма, романи, книги за деца и неколку книжевни студии.
Нејзини раскази се преведени на неколку јазици и објавени во списанија во земјата и во странство, а учествувала и на повеќе македонски и меѓународни книжевни фестивали. Нејзиниот расказ „Поинаков вид оружје“ е застапен во антологијата „Best European Fiction 2018“.
Малеска е професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија.
Се занимава и со книжевни преводи, а некои од делата што ги превела се: „Тристрам Шенди“ од Лоренс Стерн, раскази од Амброуз Бирс, „Волшебникот од Оз“ од Л. Френк Баум, „Мали нешта како овие“ од Клер Киган.

🕮 Северозападниот ветер

Зденко Башиќ е роден 1980 година во Загреб, каде што завршил Училиште за применета уметност и дизајн, оддел Графички дизајн. Дипломирал на Катедрата за анимиран филм и нови медиуми на Академијата за ликовни уметности во Загреб. Покрај со анимиран филм, се занимава и со илустрација, па досега илустрирал неколку книги за деца, меѓу кои и најновите изданија на бајките на Андерсен и на Грим. Добитник е на повеќе награди за илустрација.

Владимир Јанковски е роден 1977 година во Скопје, каде што завршил Филолошки факултет, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Активно се занимава со книжевен превод, а е автор и на неколку романи.

🕮 Бранови

Ингрид Шабер е авторка на стотина илустрирани книги за деца и млади. Од пред неколку години, таа додаде уште една преокупација во својот спектар на интерес, стрипот, на кој му е сега целосно посветена.
„Бранови“ е нејзиниот прв графички роман, инспириран од нејзината лична приказна.
Живее во Каркасон, со својата сопруга и нивните кучиња.
Карол Морел го потпишува својот прв стрип во 2013 година со „Како кај тебе дома“. По три години излегуваат „Луиза овде и онде“, за кој ја добива наградата за најдобар графички роман на странски јазик на Меѓународниот фестивал на стрипот во Алжир и „Апокалипса според Магда“, по текст на Клое Волмер-Ло, кој ја добива наградата „Артемизија Авенир“ (Artémisia Avenir).
Во 2017 година следуваат: „Хоризонтална соработка“, по текст на Нави и „Бранови“, напишан од Ингрид Шабер, чијшто превод на англиски јазик ја добива наградата „Харви“ (Harvey Award) за најдобар европски стрип.

Елисавета Поповска е професорка по француска и франкофонски книжевности и култури на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзиниот потесен интерес се однесува на современата француска литература – автобиографија, автофикција, поетика на трагата, делото на Маргерит Јурсенар. Авторка е на повеќе теориско-критички и есеистички студии, како и уредничка на изданија и стручни списанија. Преведува од француски на македонски јазик – книжевни дела (Жид, Де Лакло, Даријесек, Ерно), дела од областа на хуманистичките науки и книжевната критика (Дерида, Кристева, Компањон), а прави и препеви на песни за изданијата на „Струшките вечери на поезијата“. Двапати ја добила наградата „Божидар Настев“ за најдобар превод на годината: во 2010 година за романот „Подрумите на Ватикан“ од Андре Жид и во 2013 година за романот „Опасни врски“ од Шодерло де Лакло.

🕮 Собрани дела

Лидија Сандгрен (1987) е шведска писателка. Студирала музика, филозофија и психологија. Живее и работи во Гетеборг.
„Собрани дела“ е нејзиниот прв роман, кој веднаш по објавувањето предизвикува сензација на шведската книжевна сцена и ја добива престижната награда „Аугуст“ за 2020 година. Досега романот е преведен на повеќе од дваесет јазици.

Катерина Јосифоска е родена во 1982 година во Скопје. Дипломирала во 2005 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, а титулата доктор на науки ја стекнала во 2009 година на истиот факултет. Преведува од германски, шпански и англиски јазик. На македонски ги превела делата на Теодор В. Адорно, Валтер Бенјамин, Роберт Музил, Хана Арент, Франц Кафка, Зејди Смит, Роберто Болањо, Фернандо Арамбуру, Јан Асман, Даниел Келман… За својот преведувачки труд ги добила наградите „Пол Целан“ во 2012 и „Златно перо“ во 2015 година.

🕮 Среќни падови

Евгенија Белорусец (Киев, 1980) е украинска фотографка и писателка. Работи како фоторепортерка за повеќе европски медиуми, меѓу кои и реномираниот германски весник „Дер Шпигел“. Членува во интердисциплинарниот уметнички колектив „Худрада“ и основачка е на списанието за уметности „Простори“.
Пишува раскази, дневници и репортажи. Нејзината прва книга „Среќни падови“ е објавена во Украина во 2018 година, а подоцна и преведена на десетина светски јазици. Авторка е на книгите „Модерно животно“ (2021) и „Воен дневник“ (2023). Живее и работи во Берлин и во Киев.

Андреј Јованчевски (1992, Скопје) — славист, книжевен преведувач, толкувач, уредник и раководител на неколку културни иницијативи. Студирал општа и компаративна книжевност и славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Како истражувач на литературната историја, на книжевните теории и на словенските јазици и литературни традиции, редовно учествува во разни академски публикации и настани. Автор на десет издадени книжевни преводи, уредник на стотина изданија за неколку македонски издавачки куќи, преведувач и автор на повеќе објавени есеи, извадоци и засебни поглавја во списанија и монографии. Водел преведувачки проекти и демонстраторски вежби по историја на руската книжевност на матичниот универзитет. Активно се занимава со меѓујазично толкување и со задачи поврзани со генерирање и анализа на пишувани содржини на неколку природни јазици. Основач и управител на културниот простор „Буква“ и на студиото за визуелни приказни „MultiQi“. Главен уредник на издавачката куќа „Аз-Буки“. Иницијатор и учесник во неколку локални и меѓународни проекти од различни домени на културата.

🕮 Сиви пчели

Андреј Курков (1961) е еден од најзначајните и најпреведувани современи украински писатели. Студирал странски јазици и работел како преведувач, новинар и сценарист. Во деведесеттите години на минатиот век почнал да пишува проза и самостојно го објавил својот прв роман со кој постигнал огромен успех.
Курков пишува романи, раскази, сценарија, есеи и книги за деца, а неговите книги се преведени на повеќе од четириесет јазици. Особено се ценети неговите романи, меѓу кои се издвојуваат „Смртта и пингвинот“ (1996), „Добриот ангел на смртта“ (1998), „Џими Хендрикс во живо во Лавов“ (2012), „Сиви пчели“ (2018), „Самсон и Надежда“ (2022).

Милена Николовска (1979) дипломирала на Катедрата по руски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 2004 година. Во 2014 година ги завршила постдипломските студии по Македонистика со комуникологија при Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ во Скопје.
Од 2005 година работи како самостоен преведувач од руски на македонски јазик и обратно, а во поново време се занимава со книжевен превод од руски јазик.

🕮 Амадока

Софија Андрухович (1982) е украинска писателка и преведувачка. Таа е ко-уредник на списанието „Четвер“. Во декември 2014 година, нејзиниот роман „Феликс Австрија“ ја освојува наградата „Книга на годината 2014“ на BBC Украина. Во март 2021 година, таа ја добива наградата за литература „Жени во уметноста“. Нејзиното најуспешно дело е романот „Амадока“.

Ацо Пероски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 2005 година. Постдипломските студии ги продолжил на Институтот за филозофија во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје во 2009 година. Соработува со повеќе издавачки куќи како уредник и преведувач. Косопственик е на издавачката куќа „Артконект“ од Скопје, каде што работи како уредник. Преведува од англиски, француски, српски и хрватски јазик. На македонски има преведено дела од Џон Фаулс, Леонард Коен, Данило Киш, Зејди Смит, Ајрис Мердок, Борис Вијан, Мишел Уелбек, Колсон Вајтхед, Џулијан Барнс и други современи автори.

🕮 Млекарот

Ана Бернс (1962, Белфаст) е писателка од Северна Ирска. Студира Руски јазик и литература во Лондон, а потоа се преселува во областа Сасекс во Англија, каде што живее и денес.
Авторка е на три романи и на една новела. Својот прв роман, Без коски, го објавува во 2001 година, а потоа следуваат Мали конструкции (2007) и Млекарот (2018), со кој постигнува светска слава. За Млекарот ги добива наградите „Букер“ (2018), „Орвел“ (2019) и меѓународната книжевна награда „Даблин“ (2020).

Катерина Јосифоска е родена во 1982 година во Скопје. Дипломирала во 2005 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, а титулата доктор на науки ја стекнала во 2009 година на истиот факултет. Преведува од германски, шпански и англиски јазик. На македонски ги превела делата на Теодор В. Адорно, Валтер Бенјамин, Роберт Музил, Хана Арент, Франц Кафка, Зејди Смит, Роберто Болањо, Фернандо Арамбуру, Јан Асман, Даниел Келман… За својот преведувачки труд ги добила наградите „Пол Целан“ во 2012 и „Златно перо“ во 2015 година.

🕮 Шаги Бејн

Даглас Стјуарт (Глазгов, 1976) е шкотско-американски писател. Студира моден дизајн во Единбург и во Лондон, а по студиите се преселува во Њујорк, каде што гради успешна кариера како моден дизајнер. Почнува да пишува раскази и есеи, а подоцна и романи. За својот прв роман – „Шаги Бејн“ – ја добива престижната награда „Букер“ и стекнува светска слава, а романот е преведен на повеќе од четириесет јазици.
Вториот роман на Стјуарт е „Младиот Мунго“ (2022), а неговото најново дело, романот „Џон од Џон“ е објавен во 2026 година.

Ацо Пероски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 2005 година. Постдипломските студии ги продолжил на Институтот за филозофија во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје во 2009 година. Соработува со повеќе издавачки куќи како уредник и преведувач. Косопственик е на издавачката куќа „Артконект“ од Скопје, каде што работи како уредник. Преведува од англиски, француски, српски и хрватски јазик. На македонски има преведено дела од Џон Фаулс, Леонард Коен, Данило Киш, Зејди Смит, Ајрис Мердок, Борис Вијан, Мишел Уелбек, Колсон Вајтхед, Џулијан Барнс и други современи автори.

🕮 Ќе го издржиме овој ветер

Сергиј Жадан (1974, Старобилск) е украински поет, писател, преведувач и музичар. Студира книжевност и работи како професор, а подоцна целосно се посветува на својата уметничка кариера.
Жадан е сестран уметник и работи во различни области, како театар, филм, музика. Сепак, најангажиран е во полето на книжевноста. Автор е на романите „Депеш Мод“ (2004), „Ворошиловград“ (2010), „Месопотамија“ (2014) и „Интернат“ (2017), како и на уште десетина прозни книги во кои се опфатени раскази, есеи и мемоарски записи. Жадан е автор и на петнаесетина поетски збирки, од кои како поуспешни се издвојуваат „Темплари“ (2016), „Антена“ (2018), „Список на бродови“ (2020), „Псалми до авијацијата“ (2021) итн.
Книгите на Сергиј Жадан се преведени на повеќе од дваесет јазици, а за своите дела добитник е на значајни меѓународни признанија, како наградите „Јан Михалски“ (2014) „Ангелус“ (2015) и „Австриската државна награда за литература“ (2025).

Никола Маџиров е македонски поет, уредник и преведувач. Тој бил гостин на неколку литературни фестивали низ целиот свет и е преведен на повеќе од триесет јазици. Добитник е на Европската награда за поезија „Хуберт Бурда“, наградата за поезија „Браќа Миладиновци“ и бил резидентен писател на Меѓународната програма за пишување на Универзитетот во Ајова и LiteraturRaum во Берлин. Неговите дела се објавени во списанија како „Зборови без граници“, „Поетска фондација“ и „Светска литература денес“.

🕮 Избрана поезија

Кристин Димитрова (1963) е бугарска писателка и поетеса. Дипломирала англиски и американски студии на Софискиот универзитет, каде сега работи на Одделот за странски јазици. Кристин Димитрова е добитничка на пет национални награди за поезија, три за проза и една за превод на поезијата на Џон Дон на бугарски јазик. Преводи на песните, расказите и есеите на Димитрова се објавени во антологии и периодични изданија во 35 земји.

Маја Лазаревска работи во издавачкиот сектор уште од 2010 година како уредничка, преведувачка, организаторка на целокупното издавачко работење, организираторка на многубројни културни настани. Од 2016 година отвора нова издавачка куќа, „Артконект“, во која работи како главна и одговорна уредничка и управителка. Преведувачка е на книгите Викторина од Јет ван Оверим и Анемари ван Херинген (2023) и Трошки на хартија од Мариј Росен (Артконект, 2023); коавторка е на преводот на книгите Дождец и Капка од Деница Илчева и Асја Колева (Артконект, 2021) и Мечка страв од Марин Бодаков (Артконект, 2022). Објавила преводи на избор поезија на поетите Јаница Радева, Марин Бодаков и Мариј Росен на интернет страницата на „Артконект“.