„Јарињата Брусе одат на училиште“ од Бјорн Ф. Рорвик и Гри Моурсунд
Превод: Јасминка Марковска

Ново продолжение на смешната приказна за трите јариња Брусе!
Еден ден јариња Брусе добиваат писмо дека мора да почнат да одат на училиште. Треба на научат да читаат и да пишуваат. Но, училиштето има нов директор. Кој ли би можело да биде тоа?

 

„Крилче“ од Клаудија Лагерман и Ханке Сименсма
Превод: Маја Лазаревска

„Крилче“ е топла и инспиративна приказна за една мала птичка што се плаши од летање. Кога доаѓа есента и неговите другари заминуваат на југ, Крилче наместо да тагува, решава да им помага на другите животни во текот на зимата. И така, тој станува херој!

  

„М како море“ од Јоана Консехо
Превод: Анастасија Ѓурчинова

„М како море“ е нежна и поетична книга за растењето и созревањето. Покрај едно море, едно момче сфаќа дека веќе не е малечко и одеднаш го согледува светот во сета негова сложена убавина. Прекрасно илустрирана, медитативна и тивка приказна со силна порака.

 

„Капчо и китот“ од Катерина Бабкина и Јулија Пипилчатина
Превод: Калина Малеска

Едно утро, малиот Капчо погледнува низ прозорецот и гледа како на небото плови кит. Тие набргу ќе се спријателат, а потоа китот ќе му помогне на Капчо да се бори со една тешка болест. „Капчо и китот“ е приказна за храброста и за соочувањето со стравот, но и приказна за надежта која живее вечно.

  

„Северозападниот ветер“ од Зденко Башиќ
Превод: Владимир Јанковски

Приказни за самовили и џуџиња, за ноќни суштества и необични јунаци – потпирајќи се на митологијата и фолклорот, „Северозападниот ветер“ е книга за чудесното што се крие зад секојдневната реалност, пренесено не само преку раскажувањето туку и преку необичните и оригинални илустрации.

 

„Бранови“ од Ингрид Шабер и Карол Морел
Превод: Елисавета Поповска

„Бранови“ е приказна за една млада жена чијшто живот целосно ќе се промени откако таа ќе забремени, ќе претрпи ужасна загуба и ќе сфати дека мора да се соочи со суровата реалност доколку сака да го сочува својот живот. Внимателно раскажан и прекрасно илустриран, „Бранови“ е исклучителен графички роман за сите лица на љубовта.

  

„Собрани дела“ од Лидија Сандгрен
Превод: Катерина Јосифоска

Динамичен, читлив и вешто напишан роман што во основата е семејна сага, но всушност се разгранува во суптилно и длабоко филозофско промислување на суштината на уметноста, пријателството, верноста, љубовта и среќата. „Собрани дела“ е роман за семејните тајни и за ситниците кои одеднаш може да ни ги променат животите, но и да нè дефинираат како личности.

 

„Среќни падови“ од Евгенија Белорусец
Превод: Андреј Јованчевски

Книгата ги истражува искуствата на жените од регионот Донбас кои поради војна се принудени да живеат како бегалки во Киев, но и во различни европски држави. Меланхоличните, романтични и иронични кратки прози од „Среќни падови“ се дополнети со дваесетина фотографии кои со својот лирски и историски контрапункт формираат сопствен впечатлив визуелен наратив.

  

„Сиви пчели“ од Андреј Курков
Превод: Милена Николовска

„Сиви пчели“ е воен роман во кој војната има периферна улога, а централно место зазема приказната за фасцинацијата на еден човек од природниот поредок на универзумот и за тоа што може да се случи кога тој универзум ќе биде изваден од рамнотежа поради човековото влијание.

 

„Амадока“ од Софија Андрухович
Превод: Ацо Пероски

Историски роман во чијашто срцевина се крие љубовна приказна. „Амадока“ зборува за тоа како војната го уништува светот и ги распарчува човековите животи, но исто така и за тоа колку е војната немоќна пред љубовта.

  

„Млекарот“ од Ана Бернс
Превод: Катерина Јосифоска

Една седумнаесетгодишна девојка забележува дека одеднаш почнува да ја следи средовечен маж. Нејзините стравови поради непознатиот маж се претопуваат со стравовите од постојаните немири и убиства што се случуваат во градот каде што живее. А сепак, нејзиниот ведар карактер е нескршлив, а нејзината волја да преживее и да биде среќна е посилна од сè друго.

 

„Шуги Бејн“ од Даглас Стјуарт
Превод: Ацо Пероски

Емотивна и потресна семејна приказна за љубовта на едно момче кон неговата мајка. Раскажан низ призмата на еден необичен лик, „Шуги Бејн“ е незаборавна приказна за пронаоѓањето на себеси и за соочувањето со сопствените заблуди и стравови.

  

„Избрани песни“ од Сергиј Жадан
Превод: Никола Маџиров

Стиховите на Жадан се гласот на цела една генерација од Источна Европа. Енергијата на неговите песни е енергијата на современиот човек. Длабочината на неговата поезија е длабочината на европскиот дух.

 

„Избрана поезија“ од Кристин Димитрова
Превод: Маја Лазаревска

Песните на Димитрова истовремено се жестоки и нежни, луцидни и едноставни, иронични и искрени, тажни и смешни, отворени кон душата на читателот и со длабоки тајни затворени некаде во себе.