Тена Штивичиќ е хрватска авторка која живее и работи во Лондон. Нејзините драми се изведени во многубројни европски земји, преведени се на многу јазици и добиле голем број награди, меѓу кои Европската авторска награда и Наградата за иновативност на Хајделберг Штикемаркт во 2008 година. Меѓу нејзините најзначајни дела спаѓаат драмите Невидливите, Седум дена во Загреб, Искри, Три зими, Не можеш да побегнеш од неделата, Две и Fragile! Објавила две и збирки колумни: Одбројување (2007) и Ѓаволот не спие (2010).
Владимир Јанковски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Ги објавил следниве книги: „Скриени желби, немирни патувања“ (награда „Роман на годината“), „Невидливи љубови“, „Вечно сегашно време“, „Лицата на невидливиот град“, „Скопје со широко отворени очи“, „Огледало за загатката“. Активно се занимава со книжевен превод. Преведува од хрватски, српски, босански и англиски јазик. Од хрватската книжевност превел книги од Миљенко Јерговиќ, Слободан Шнајдер, Дамир Каракаш, Ведрана Рудан, Дубравка Угрешиќ, Јулијана Адамовиќ и други. За преводот на романот „Пенелопеја“ од Маргарет Атвуд ја добил наградата „Златно перо“ на Здружението на литературни преведувачи на Р. Македонија.
Џовани Доѕини е италијански новинар, автор и преведувач, роден во Перуџа, каде што сè уште живее и работи. Дипломира правни науки, по што започнува да работи како новинар, а од 2005 година е дел од редакцијата на весникот „Кориере дел Умбрија“. Освен како новинар, работи и како уредник во повеќе издавачки куќи. Во 2005 година го објавува својот дебитантски роман, „Кинезот од Пјаца дел пино“. Автор е и на романите „Човекот што недостига“ (2010), „Избор“ (2016) и „А Бабукар одеше на чело“ (2018) за кој ја добива Наградата за литература на Европската Унија.
Калина Јанева дипломира англиски јазик и книжевност, со италијански јазик и книжевност како втор главен предмет, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Зад себе има четириесетина книжевни преводи, претежно од англиски на македонски, но и обратно, и од италијански на македонски јазик. Во 2012 година станува активен член на Здружението на преведувачи на РМ, а од следната е дел и од организацискиот одбор на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“, заеднички потфат на ЗПРМ и на Делегацијата на ЕУ во Македонија. Постдипломските студии по англофонски книжевности и книжевна теорија ги завршува на Универзитетот „Алберт Лудвиг“ во Фрајбург, на кој работи и како асистент-истражувач, а го започнува и докторатот од областа на англоамериканските книжевни и културолошки студии.
Сара Лундберг е шведска сликарка и писателка. Студирала на Кралската уметничка академија во Стокхолм, а своите дела ги има изложувано на триесетина самостојни и групни изложби во Шведска и низ светот. Активно работи и како илустраторка на книги. Лундберг е авторка на пет илустрирани книги за млади читатели, а нејзините дела се преведени на десетина јазици. За книгата „Птицата во мене лета каде што ќе посака“ (2017) Сара Лундберг го добива најпрестижното шведско признание за книжевност, наградата „Аугуст“.
Родна Русковска работи како самостоен и судски овластен преведувач за шведски и англиски јазик. Посебен дел од нејзината преведувачка работа е посветен на превод на литературни дела од шведската книжевност. Меѓу шведските автори чии дела ги направила достапни за македонските читатели се и познатите и наградувани Селма Лагерлеф, Астрид Линдгрен, Пер Улов Енквист, Даг Солстад, Рејдар Јонсон, Шерштин Екман, Елен Матсон, Ане Свард, Лина Волф, Лена Андерсон, Карл-Јохан Валгрен, Ева-Мари Лифнер, Стефан Мендел Енк, Јунас Карлсон и др. Моментално работи на неколку нови литературни проекти во истата јазична комбинација.
Ивана Добраковова е една од највпечатливите и најпреведуваните авторки од помладата генерација во Словачка. Досега ги има објавено збирките раскази „Првата смрт во семејството“ (2009), „Токсо“ (2013), како и романот „Белви“ (2010). Нејзината најнова прозна книга е „Мајки и камионџии“, објавена во 2018 година. Прозата на Добраковова е преведена на петнаесетина јазици, а сите нејзини книги влегоа и во финалето за најпрестижната словачка награда за книжевност „Анасофт литера“ за книга на годината. Ивана Добраковова работи и како преведувачка од француски и од италијански јазик. Живее во Торино.
Звонко Танески e доктор по филолошки науки, универзитетски професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Комениус“ во Братислава, aвтор на шест поетски збирки, на шест научни монографии и на голем број лингвистички, литературни и културолошки студии објавувани на над 20 различни јазици. Редовен член на Клубот на независни писатели на Словачка и на Словачкиот ПЕН центар. Од словачки на македонски јазик досега превел повеќе од 35 автори (Павел Виликовски, Душан Митана, Милан Рихтер, Франтишек Липка, Јурај Шебеста, Петер Шулеј, Јана Бењова, Мирослав Демак, Мартина Стракова, Ивана Добраковова и други). За преводот на делото „Патагонија“ од Душан Митана ја освои наградата „Златно перо“ (2012). Ја добил и престижната награда „Павел Орсаг Хвиездослав“ за исклучителен и квалитетен опус на преводи од словачката книжевност и за нивната презентација и афирмација во светот за 2017 година (доделена од Асоцијацијата на писателски организации на Словачка).
Фернандо Арамбуру пишува раскази, романи и филмски сценарија. Работи како професор по шпански јазик, најпрво во Шпанија, а потоа во Германија. Автор е на девет наградувани и исклучително успешни романи, но светска слава достигнува со романот „Татковина“ (2016) кој е преведен на повеќе од триесет јазици.
Катерина Јосифоска дипломирала во 2005 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, а титулата доктор на науки ја стекнала во 2009 година на истиот факултет. Преведува од германски, шпански и англиски јазик. На македонски ги превела делата на Валтер Бенјамин, Роберт Музил, Хана Арент, Франц Кафка, Зејди Смит, Роберто Болањо, Фернандо Арамбуру, Јан Асман, Даниел Келман… За својот преведувачки труд ги добила наградите „Пол Целан“ во 2012 и „Златно перо“ во 2015 година.
Клер Киган е современа ирска писателка, особено позната по нејзините наградувани раскази. Студира англиски јазик и политички науки во САД и во Велс, а потоа професионално се занимава со пишување. Нејзините раскази се објавени во престижни списанија како „Њујоркер“, „Гранта“, „Парис ривју“ и наградени се со престижни меѓународни признанија. Киган е авторка на збирките раскази „Антарктик“ (1999) и „По сините полиња“ (2007), како и на новелата „Посвоена“ (2010). Нејзиниот прв роман, „Ситници како овие“, е објавен во 2021 година.
Ацо Пероски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 2005 година. Постдипломските студии ги продолжил на Институтот за филозофија во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје во 2009 година. Соработува со повеќе издавачки куќи како уредник и преведувач. Косопственик е на издавачката куќа „Артконект“ од Скопје, каде што работи како уредник. Преведува од англиски, француски, српски и хрватски јазик. На македонски има преведено повеќе од седумдесет книги, меѓу кои и дела од Џон Фаулс, Леонард Коен, Данило Киш, Зејди Смит, Ајрис Мердок, Борис Вијан, Мишел Уелбек, Колсон Вајтхед, Џулијан Барнс и други современи автори.
Барбара Јелин е германска илустраторка и писателка. Студирала илустрација на Академијата за применети науки во Хамбург. Како цртачка на стрипови прво се прочула во Франција преку изданијата „Le Visiteur“ и „Le retard“. Нејзината прва објавена книга во Германија е „Отров“ според сценарио на Пер Метер. Нејзиното најпознато дело е наградуваниот графички роман „Ирмина“. Барбара Јелин е долгогодишен коиздавач на антологијата „Спринг“ и држи работилници низ целиот свет. Живее и работи во Минхен.
Ксенија Чочкова дипломира на Катедрата за германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Денес живее и работи како книжевен преведувач и менаџер во културата во Баден-Баден, Германија. Досега работела на повеќе изложби, конференции, различни проекти од областа на културата. Со литературен превод се занимава од 2004 година и има објавено повеќе од 30 преводи на автори од германското говорно подрачје. Во нејзин превод се објавени автори како Зигфрид Ленц, Бернхард Шлинк, Јулија Франк, Елфриде Јелинек, Бертолт Брехт, Кристоф Хајн, Штефан Цвајг, Елијас Канети, Роберт Валзер, Роберт Музил и други. За своите преводи е наградена со повеќе стипендии, како „Средба на преведувачи“ организирана од Литературниот колоквиум во Берлин, „Преведувачка резиденција“ на Гете институтот и Фондацијата Алфред Тепфер во Гут Зиген.
Жил’ Маро е автор/ка и илустратор/ка од Франција. По завршувањето на академија за визуелни уметности во Брисел, Маро речиси целосно се посветува на уметноста на стрипот и на пишување графички романи. Маро е автор/ка на пет графички романи: „Сината е најтоплата боја“ (2011), „Скандалон“ (2013), „Град и род“ (2014) „Музиката на телото“ (2017), „Ти ми го донесе океанот“ (2020). Со „Сината е најтоплата боја“ Маро постигнува огромен меѓународен успех и добива повеќе награди за книжевност и стрип.
Филип Илиев е независен преведувач и толкувач по француски и англиски јазик. Дипломирал на Катедрата по романски јазици на Филолошкит факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Негова специјалност се општествените теории, филозофијата и социологијата на културата, иако преведува и белетристика и поезија. Меѓу авторите кои ги превел во доменот на општествените науки се Огист Конт, Анри Бергсон, Пол Вирилио, Жил Делез, Тери Иглтон, а од белетристика Шарл Бодлер, Семјуел Бекет, Виржини Депант и Тома Гунзиг.
Валтер Уго Мае е португалски писател, музичар и уметник. Завршил студии по право, а подоцна и по книжевност, а од 1996 година професионално се занимава со пишување. Автор е на триесетина книги. Пишува поезија, раскази, романи, книги за деца, есеи. Меѓу најзначајните дела на Уго Мае се вбројуваат неговите наградувани романи „Машина за правење Шпанци“, „Покајанието на Балтазар Серапио“, „Син на илјада луѓе“, „Работничка апокалипса“, „Дехуманизација“. За своите дела добил високи книжевни признанија во Португалија, како наградите „Жозе Сарамаго“ и „Океанос“. Живее и работи во Порто.
Наташа Сарџоска (Скопје, 1979), поет, писател, литературен преведувач, полиглот толкувач (FR, IT, ES, EN, PT, HR, CA). Живеела и творела во многу европски градови, меѓу кои Милано, Лисабон, Париз, Брисел, Штутгарт. Докторирала антропологија од Универзитетот Еберхард Карлс во Тубинген и на Нова Сорбона во Париз. Ги објавила книгите поезија „Сина соба“, „Кожа“„Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ и „Крстна коска”. Објавила книги во САД, Италија и Косово како и избори песни во бројни италијански и јужноамерикански книжевни списанија. Објавува раскази, есеи, колумни и академски трудови. Нејзините песни се преведени на повеќе од 15 јазици и објавени во поетски антологии и во престижни книжевни ревии ширум светот. Jа добила наградата за поезија „Дон Луиџи де Лиегро“ за посебни заслуги за творештво на италијански јазик и наградата од Министерството за надворешни работи на Италија за најдобар прв превод на книгата „Пинокио“ од Карло Колоди на македонски јазик. Нејзината песна „Кукла на конци“ е објавена на англиски и шпански јазик во Меѓународната поетска антологија на поезија против злоупотреба на деца. Превела од италијански, француски, шпански, каталонски и португалски стотина врвни писатели меѓу кои: Кардучи, Камоиш, Монтале, Брага, Карваљо, Тоци, Табуки, Карнеиро, Гофет, и др.; таа е прв и единствен преведувач на македонски јазик на Сарамаго, Пазолини и Маргарит. Приредила бројни избори на поетски преводи од италијански и шпански јазик на македонски јазик.
Река Ман-Вархеѓи е унгарска писателка со романско потекло. Живее во Будимпешта, каде студирала естетика и социологија. Работела како уредник во издавачка куќа специјализирана за книжевност за деца, а подоцна почнува да се занимава и со пишување. За нејзината прва збирка раскази, „Несреќа во станбениот блок ‘Аурора’“ ја добива наградата на Здружението на млади писатели на Унгарија. Авторка е на две сликовници и еден роман за тинејџери. Нејзиното најпознато и најпреведувано дело е романот „Магнетен рид“, за кој ги добива наградата „Дери Тибор“ и Наградата за литература на Европската Унија во 2019 година.
Златко Панзов дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирал на Институтот за македонска литература, Скопје. Докторанд е на Докторската школа за книжевност при Универзитетот „ЕЛТЕ“ во Будимпешта, Унгарија. Работи како Лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија, Универзитет „ЕЛТЕ“, Будимпешта. Од 2005 г., активно се занимава со книжевен превод. Досега, самостојно или заедно со Анамарија Цинеге-Панзова, објавил над триесет преводи од унгарски јазик за повеќе издавачки куќи во Македонија. Меѓу другите, превел дела од Бела Хамваш, Петер Надаш, Шандор Мараи, Иштван Еркењ, Ласло Краснахоркаи, Атила Бартиш. Од 2019 ја организира манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“. Живее во Унгарија.