„Ирмина“ од Барбара Јелин
Превод од германски: Ксенија Чочкова

Графички роман со прекрасна визуелна естетика, заснован на вистинита приказна за една млада жена која историските околности од периодот на Втората светска војна ги доживува во сосема поинаква перспектива и мора да се соочи со тежок избор што ќе ѝ го преобрази животот.

 

„Птицата во мене лета каде што ќе посака“ од Сара Лундберг
Превод од шведски: Родна Русковска

Инспирирана од делата и животот на сликарката Берта Хансон, оваа прекрасно илустрирана и вешто раскажана книга ќе ги затрепери срцата и на младите и на повозрасните читатели.

  

„Сината е најтоплата боја“ од Жил’ Маро
Превод од француски: Филип Илиев

Нежна и чувствителна приказна за првата љубов, за растењето и созревањето, за соочувањето со неправдите и со загубата. Суптилен и храбар, извонредно раскажан графички роман.

 

„Татковина“ од Фернандо Арамбуру
Превод од шпански: Катерина Јосифоска

Епски роман кој опфаќа дејство во повеќе од три децении и цела галерија ликови преку кои ни се пренесени моќни приказни за тоа како омразата може да ни ги уништи животите и за тоа како нашата единствена надеж е да веруваме во добрината во себе.

  

„А Бабукар одеше на чело“ од Џовани Доѕини
Превод од италијански: Калина Јанева

Роман за четворица млади емигранти од различни африкански земји, кои едно лето ќе се најдат во Италија во потрага по поубава илузија. Раскажувајќи сосема обични и секојдневни ситуации, романот искрено зборува за емигрантскиот живот и за сите негови предизвици.

 

„Антарктик“ од Клер Киган
Превод од англиски: Ацо Пероски

Збирка со петнаесет раскази од една од најталентираните современи авторки на кратка проза од англиското говорно подрачје. Приказните на Киган се колаж од впечатливи ликови, вешто изградени заплети и варијации на атмосферата од црн хумор до потресни приказни за предизвиците на современиот живот.

  

„Магнетен рид“ од Река Ман-Вархеѓи
Превод од унгарски: Златко Панзов

Наградуван роман во кој ја следиме приказната за една млада жена која ја напушта својата успешна академска кариера во САД и се враќа во својот роден град, Будимпешта, за да напише книга. Соочена со старите пријатели и некогашните љубови, таа е принудеа да се соочи и со неможноста да побегне од себеси.

 

„Мајки и камионџии“ од Ивана Добраковова
Превод од словачки: Звонко Танески

Збирка од пет раскази за пет жени од Словачка и Италија, секоја од нив мајсторски доловена во оние кревки моменти во кои човекот се обидува да постигне баланс меѓу себеси и светот, меѓу разумот и бесмислата, меѓу љубовта и омразата…

  

„Невидливите“ од Тена Штивичиќ
Превод од хрватски: Владимир Јанковски

Збирка од три драмски текстови што спаѓаат во самиот врв на современата европска драматургија. Ликовите на Штивичиќ се емигранти, невработени млади луѓе, семејства на животен крстопат, сите соочени со парадоксите на нашата (не)сигурна иднина.

 

„Приказни за кучиња и за лоши волци“ од Валтер Уго Мае
Превод од португалски: Наташа Сарџоска

Приказни преполни со фантазија, алузии и симболика, напишани во бајковит стил. Расказите во оваа книга зборуваат за значењето што љубовта, семејството, пријателството и книгите го имаат во нашите животи, но на уникатен начин кој ја буди фантазијата на читателот.