Артконект: Драга Марта Ѓидо, голем број познати и „поискусни“ автори и раскажувачи ја советуваат помладата генерација книжевници дека, иако на почетокот на својата кариера ќе сакаат да пишуваат за љубовта и семејството, најдобро е да не го прават тоа. Сепак, можеме да посведочиме голем успех на книги како твојот роман „Наслада“ кој со страстен литературен глас зборува за љубовта и меѓучовечките односи, за страста и страдањето, притоа пренесувајќи го искуството на една цела генерација. Како и зошто се одлучивте токму за овие теми? Што ве поттикна вашите книжевни истражувања да ги посветите на таканаречената „модерна љубов“?

Марта Ѓидо: „Наслада“ често се опишува како љубовна приказна, но според мене се работи за една многу специфична љубовна приказна. Љубовниците во книгата прават сè за да ги одбегнат зборовите: те сакам. Се плашат од големи изјави, од тоа да го делат секојдневниот живот. Тие потсвесно знаат дека љубовта, исто така, подразбира и одговорност и посветеност, но не сакаат да ја изгубат возбудата, потребeн им е вулкан од емоции и лудило, и токму затоа се оддалечуваат еден од друг за по некое време да се соединат повторно и повторно. Не знам дали е тоа добар рецепт за љубов, но ликовите од „Наслада“ така функционираат.

Сакав да пишувам за страста, телесната интимност, романтиката, да создадам приказна која ќе биде исполнета со еротизам, кој нема да биде ниту вулгарен ниту поетичен ниту засрамувачки. Се обидов да не бидам банална и груба. Важни делови од книгата се посветени на телесноста и истражувањето на телесноста меѓу двајца љубовници. Ми претставуваше предизвик да ја преведам сензуалноста во зборови.

Додека ја пишував книгата, најтешката работа за мене не претставуваа лимитираниот вокабулар на зборови кои ги означуваат сексуалните органи, туку пренесувањето на сензуалноста во зборови. Вкусот, мирисот, допирот и сè она што е поврзано со овие сетила. Пишував интуитивно, експериментирав, барав одговори од мојот ум и тело. Сакав да се соочам со овој литературен предизвик и затоа ја одбрав оваа тема, сакав да најдам јазик и да креирам приказна, што не беше лесно бидејќи употребував измешани перспективи и времиња.

Артконект: Двајцата ликови во романот се истовремено и наратори, млад пар кој се бори да најде нови модуси на љубење и на живеење кои им се измолкнуваат на статичните општествени норми и стандарди за тоа што претставуваат љубовта, сексот и врските. Протагонистите експериментираат со различни идеи кои се однесуваат на овие важни аспекти од човечкото искуството, а вие како писателка се обидувате (и успевате) да креирате книжевна експресија на неконвенционалната љубов. Кои книжевни постапки ги користевте во романот? Како тие ви помогнаа да ги избегнете романтичните клишеа?  

М.Ѓ.: Решив да ја пишувам приказната од две перспективи: нејзината и неговата, во второ лице еднина, користејќи „ти“ и мешајќи ги перспективите на девојката и на момчето. Поради ова, книгата потсетува на интимен дијалог или на љубовно писмо. Ова не е честа литературна постапка, но таа го вмешува читателот во приказната и го доближува до ликовите до тој степен што тој или таа може да добијат впечаток дека ликот им се обраќа ним.

Раскажувањето на приказната во форма на сложувалка е втората книжевна постапка која ја употребував. Во книгата има мемоари, хипотетички верзии од настани, навраќања кон минатото, а има и делови во сегашноста во која ликовите се во своите четириесетти и живеат типичен брачен живот со други партнери. Нивните верзии на минатото се различни затоа што времето има моќ да ги изобличи сеќавањата. Би рекла дека времето е третиот протагонист во книгата. „Наслада“, меѓу другото, е и книга за времето, за сеќавањето и за тоа како минувањето на времето влијае на емоциите, соништата и чувствата.

Артконект: Ликовите во книгата се плашат да ги репродуцираат општествените клишеа и се обидуваат ги избегнат. Тие исто така ја претставуваат младата генерација од доцните деведесетти која чувствува страв и несигурност пред она што ќе го донесе новиот милениум. Дали се гледате себеси како претставник на оваа генерација и дали животот на првата генерација миленијалци е централна тема во вашиот роман?

М.Ѓ.: Времето не е линеарно во „Наслада“. Приказната во романот се одвива во доцните деведесетти, во ерата пред интернет кога луѓето си разменувале долги писма на хартија, кога морале да излезат надвор и да најдат телефонска кабина за да телефонираат, кога врските биле несигурни и чекањето било дел од нив бидејќи немало комуникација преку Месинџер или Инстаграм каде што можете да дознаете што се случува во животот на другиот. Сепак, чекањето предизвикува страст, ја распламтува имагинацијата и поткрева емоции, копнежи, желба и тензија кои можат да се претворат во возбуда.

На некој начин, тоа е романтична приказна за годините што изминале, за времето во кое луѓето се чувствувале слободни и можеле да прават глупости без страв дека тие ќе бидат овековечени на Фејсбук или Инстаграм. Денешните времиња повеќе не ни ја нудат оваа можност – денес, сè се случува инстантно, сè е на дофат на еден клик. Ликовите во „Наслада“, таа и тој, љубовниците од ерата пред Фејсбук налетуваат еден на друг многу години подоцна и се прашуваат што ќе беше ако… Значи, станува збор за многу специфичен контекст кој не може во целост да биде разбран од помладата генерација, но во „Наслада“ може да најдете и многу универзални теми, кои не зависат од времето и од местото – а тоа се големите емоции кои ни се заеднички без разлика на тоа кога и каде сме родени. Мислам дека стареењето на повеќето од нас ни го носи заедничкото искуство на страв и чувството на несигурност. Тука може да се додаде и копнежот по безгрижност.

Артконект: Дали оваа приказна ја споделуваат сите европски миленијалци или таа важи само за одредени делови од Европа? Вашиот роман „Наслада“ ја освои Наградата за литература на ЕУ во 2019 и, на некој начин, се смета дека го претставува европското искуство. Дали и ти го читаш твојот роман како приказна која излегува од одреден европски контекст?

М.Ѓ.: Тешко е накратко да се одговори ова прашање. Прво би требало да дефинираме што се мисли под заедничкото современо „европско искуство“. Не сум сигурна што точно значи тоа и, да бидам искрена, по руската инвазија на Украина имам чувство дека заедничките европски вредности постојат само на хартија, но не и во пракса. Но, ако се навратиме кон книжевноста и темата на „Наслада“, како што и споменав претходно, има многу универзални теми во романот кои можат да бидат разбрани секаде во светот и читатели од различни држави може да се идентификуваат со нив.

Од друга страна, темата за афирмација на сексуалноста, задоволството од сексот, истражувањето на потребите на телото без срам, зборувањето за тоа отворено и слободно – тоа се теми кои го кршат табуто и можат да бидат видени како провокативни, особено меѓу читателите со конзервативна заднина. Досега книгата е објавена во Чешка, Србија, Бугарија, Хрватска и, секако, во Македонија. По неколку средби со читатели сфатив дека приказната се интерпретира преку локалниот контекст. Бев многу трогната од впечатокот на еден читател од Србија кој ме праша – зошто има толку многу смрт во книга која се смета за љубовна. Не го сфатив тоа порано, но навистина е така. Дури и во првата реченица на романот: „Би сакал да ги убијам сите и да останеме само ние – рече ти“. Сфатив дека српските читатели, кои биле тинејџери и ги имале своите први љубовни врски во доцните деведесетти за време на војната на Балканот, имаат различна перспектива од другите читатели и се допрени од некои други аспекти на приказната.

Артконект: Со вашиот филм „Солидарност според жените“ споделивте уште една перспектива на Европа и европската историја која се фокусира на документирањето на женското искуство за време на антикомунистичкото движење на Солидарност. Како режисерка и писателка која се фокусира на Европа, кои се клучните вредности и идеи кои сакате да ги споделите преку вашите романи и филмови?

Повеќето од моите приказни се раскажувани од женска перспектива и тие допираат до прашања кои биле игнорирани во литературата или филмот поради тоа што претставуваат табу, на пример: прекинувањето на бременоста во мојот роман „Марк оставен од мама“, афирмација на женската световност во мојата последна книга, збирката кратки раскази „Сезона на јагоди“, и задоволството од сексот во „Наслада“, различни видови на зависности и прекин на токсични врски во „Матриошка“ или, како во моите документарни филмови, непознатата половина од историјата или, би рекла, „herstory“, свршувачката на жените за време на револуцијата на Солидарност во осумдесеттите години (во документарниот филм „Солидарност според жените“) или целосно заборавената историја на полските суфражетки (во „Женска моќ“).

Може да се каже дека заедничка нишка во сите мои дела е протагонистот: жена која се ослободува. Се обидувам да ја раскажам нејзината приказна од моите дваесетти години наваму, користејќи различни методи: пишување фикција, хипертекст или снимање документарни филмови. Сметам дека оваа тема е премолчена, а со тоа недостига половина од историјата. Имајќи го предвид фактот дека жените со векови немале права, тука не мислам само на политички права, туку и на правото  да се едуцираат, да работат и да заработуваат свои пари, да одлучат дали ќе се венчаат, а со тоа и немале шанса да ги раскажат своите приказни, да ги споделат своите перспективи на историјата. Токму затоа се обидувам да ја пополнам таа празнина.  


Артконект: Гласот на несигурноста кој се слуша на некои страници од вашиот роман, за жал, претставува сè поголем дел од нашето секојдневие за време на пандемијата и овие времиња на војна и економска нестабилност. Нашата издавачка куќа „Артконект“ работи на проектот „Пораки на надеж“ – вашиот роман е дел и од овој проект. Која е вашата порака на надеж која ве одржува и може да биде инспирација за нашите читатели?  

М.Ѓ.: Верувам дека литературата спасува животи. Таа има значајна улога во мојот живот и има големо влијание врз моите избори. Ми помага да разберам, да најдам нови патишта, ме охрабрува да бидам подобра личност. Литературата овозможува да се именува она за коешто не можеме да најдеме зборови. За мене лично, читањето не е чин на бегство, во литературата барам искреност, некаква вистина, можеби одговори, иако сум свесна за фактот дека нема едноставни одговори и добрата литература нема да понуди такви, но барем ми дозволува да формулирам прашања, и тоа е нешто, тоа е првиот чекор.

Кога пишувам, се чувствувам силно, имам моќ. Ми се допаѓа чувството на креација, кога ја трансформирам реалноста во фикција. Како еден од ликовите во „Наслада“, исто така тврдам дека сите ја знаат азбуката и секој има пристап до буквите, но не секој знае како да ги подреди буквите во зборови, во редослед кој ќе му понуди возбуда на читателот. И ако одвреме-навреме успеам да им дадам на читателите возбуда, чувствувам дека моето пишување има смисла.

Романот „Наслада“ од Марта Ѓидо, во превод од полски на Илија Трајковски, е објавен во рамки на проектот „Пораки на надеж: инспиративна европска литература“, кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Разговорот го водеше: Катерина Шекутковска.
Превод од англиски јазик: Ана Кнежевиќ.