Артконект е компанија основана во март 2016, a во 2017 година започнува дејност како издавачка куќа. Нашата издавачката дејност примарно е фокусирана на преводната литература, при што нашиот интерес е насочен кон три сегменти – фикција, литература за деца и стручни теориски дела од областа на филозофијата, антропологијата, теоријата на литературата и уметноста, есеистиката, книжевната и уметничката критика.
Во период кога во културата општо, а во издаваштвото особено, доминираат тенденции кон дела со комерцијален предзнак, но со мошне ограничени естетски и литерарни вредности, мисијата на издавачката куќа Артконект е да го пренасочи фокусот кон повисоки вредности и во поглед на литературата што се преведува и во поглед на квалитетот на самиот превод. Делата кои се дел од нашата програма се карактеризираат со стилска оригиналност, високи естетски вредности и сериозно влијание врз општествената средина. На тој начин, Артконект афирмира оригинални поетики на автори кои и од критиката и од публиката се сметаат за врвни во својата специфична област на творење. Со истата цел се и нашите заложби за одржување на стандардите на превод, лектура, дизајн и публикација на книгите – и во насока на квалитетот на објавените книги како финални продукти, но и во насока на вреднувањето на трудот на нашите соработници.