Машини за шиење, кукли, огледала, конзервирана храна, продавници во кои се продаваат необични предмети, чудесни апарати – тоа се мотивите кои опсесивно се повторуваат во „Азбуката на куклата“. Инспирирана од расказите на Маргарет Атвуд, Анџела Картер и Ширли Џексон, младата канадска авторка Камила Грудова создава еден необичен книжевен универзум, кој изненадува со својата оригиналност и привлекува со својата застрашувачка убавина.
Расказите од „Азбуката на куклата“ се издвојуваат со својата имагинативност и оригиналност, но исто така и со моќта да предизвикаат силна емоционална реакција кај читателот. Во нив авторката ја изместува реалноста сосем доволно за да ги задржи нејзините познати елементи, но истовремено и да ги премести до границата на заумното, па дури и на апсурдното. Светогледот во расказите варира од детски и наивен, до гротескен и мрачен, спојувајќи ги елементите на фантастиката, бајките и хоророт во еден вид современо преосмислување на надреализмот.
„Приказните на Камила Грудова се како бајки што сонуваат дека се кошмари. Во нив постои еден сосем нов свет, кој нè повикува да го откриеме за потоа да нè зароби во себе.“
„Гардијан“
„Со овие раскази Камила Грудова се вбројува во една долга, значајна и исклучително привлечна книжевна традиција во која спаѓаат браќата Грим, Франц Кафка, Анџела Картер, Џорџ Орвел, Маргарет Атвуд и други автори чиишто дела ги истражуваат тајните што се кријат во темнината.“
„Харперс магазин“
ДЕТАЛИ ЗА КНИГАТА
Едиција: Измислени светови
Наслов на оригиналот: Camilla Grudova / The Doll’s Alphabet
Број на страници: 184
Повез: мек
Формат: 14 x 20 cm
Година: 2025
ISBN: 978-608-5058-27-3

