Жорж Батај е роден во 1897 година во Бијом, Франција. Иако неговиот опус е импресивен, Батај станува маркантна фигура во интелектуалниот живот во Франција дури по својата смрт во 1962 година. Во периодот од 1922 до 1942 година работи како библиотекар и архивар во Националната библиотека во Париз, каде што успева да скрие дел од ракописите на Валтер Бенјамин и со тоа да го спречи нивното уништување. Во истиот овој период ги создава и своите клучни дела.

Творештвото на Батај опфаќа раскази, романи, есеи и студии од областа на филозофијата, антропологијата и социологијата. Неговата филозофска и книжевна есеистика е собрана во книгите Внатрешното искуство (1943), За Ниче (1945), Проклетиот дел (1949), Книжевноста и злото (1957), Еротизмот (1957) и Солзите на Ерос (1961). Неговите раскази и романи се објавени постхумно во книгите: Малечкиот (1963), Мртовецот (1964), Мојата мајка (1966), Госпоѓа Едварда (1966) и Приказна за окото (1967). Батај е основач на неколку книжевни списанија и соработува со низа значајни писатели, филозофи и социолози.
Иако за време на својот живот бил остро критикуван од Бретон и Сартр (што било причина за неговото дело да биде неправедно занемарено), во шеесеттите години на XX век група француски интелектуалци одново ги откриваат текстовите од оставината на Жорж Батај и му го оддаваат заслуженото признание, а угледната париска издавачка куќа Галимар ги објавува неговите собрани дела во дванаесет тома.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *