Жак Дерида (1930-2004) е француски филозоф, еден од клучните претставници на пост-структурализмот и маркантна фигура во постмодерната филозофија. Со својот метод на деконструкција Дерида несомнено е еден од највлијателните филозофи во втората половина на XX век.
Своите први дела ги објавува кон крајот на шеесеттите години на XX век, надоврзувајќи се на феноменологијата и континенталната филозофска традиција. Неговите рани дела, За граматологијата (1967), Пишување и разлика (1967), Маргините на филозофијата (1972) и Дисеминација (1972) за кратко време стекнуваат исклучително влијание во рамки на пост-структуралистичката тенденција во францускиот интелектуален живот. Во следниот период Дерида работи како професор на повеќе еминентни универзитети и стекнува светска слава. Неговиот богат опус опфаќа дела кои се однесуваат на мошне широк круг на проблематика и постојано одново го афирмираат методот на деконструкција. Меѓу најзначајните подоцнежни дела на Дерида се: Вистината во сликарството (1978), Улис грамофон (1987), Сеќавања – за Пол де Ман (1988), Сеништата на Маркс (1993), Политики на пријателство (1994), Дарување смрт (1992).
И повеќе од една деценија по смртта на Дерида, неговите текстови и предавања од оставината сè уште се објавуваат и се тема на актуелната филозофска полемика.