Франц Кафка бил роден во Прага, во 1883 година. За време на неговиот живот бил објавен само мал дел од неговите дела, најчесто раскази публикувани во различни списанија и собрани во неколку книги. Кафка бил познат по својата тенденција да ги уништува своите дела, сметајќи дека не се доволно добри за да бидат објавени. Токму такви инструкции оставил и за сите свои ракописи, молејќи ги своите пријатели да запалат сè што напишал. Пријателите на Кафка сепак сочувале дел од неговите текстови кои, приредени од Макс Брод, почнале да се објавуваат постхумно. Кафка умрел од туберкулоза во еден санаториум во Австрија во 1924 година, а неговите дела се објавувале во низа изданија сè до педесеттите години на минатиот век.
Покрај раскази, во оставината на Кафка спаѓаат и романите Процес, Америка и Замок, неговите дневници и неговата обемна кореспонденција. Првото германско издание на Писма до Милена било објавено во 1952 година, откако другите дела на Кафка веќе биле постхумно објавени и веќе го освоиле значајното место во германската литература што им припаѓа и денес. Подоцна писмата се реиздадени во комплетно, изменето и преуредено издание од 1986 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *