Виржини Депант (1969) е француска режисерка и писателка. Дипломира на филмска академија и кариерата ја започнува како сценаристка. Во 1992 година го пишува својот прв роман, кој не е објавен бидејќи своевремено не бил прифатен од ниеден издавач. По две години го објавува романот „Baise-moi“, кој станува бестселер, а во 2000 година е екранизиран во филм во режија на Депант.
Виржини Депант во последниве петнаесетина години стекнува голем книжевен углед и денес важи за една од најеминентните француски авторки. Во 2006 година достигнува и светска слава со книгата „Кинг Конг теорија“. Своето најуспешно дело, трилогијата „Вернон Субуткес“, почнува да го објавува во 2015, а последниот том е објавен во 2017 година. Романот е добитник на низа награди во Франција и во светот, а избран е и во најтесната селекција за наградата „Меѓународен Букер“. Според романот во 2019 година е снимена истоимена телевизиска серија на францускиот Канал Плус.