Иако Хана Арент (1906-1975) во текот на својот живот генерално одбивала да го карактеризира своето дело како политичка филозофија, нејзините книги во последниве децении се исклучително влијателни токму при социо-политичките истражувања. Особено значајно е нејзиното истражување на човековиот капацитет за смислено политичко дејствување, што е централната тема на книгата „Човековата состојба“ (1958).
Повикувајќи се на античката филозофија и комбинирајќи феноменолошка анализа, критика на марксизмот и епистемолошко преиспитување, Арент успева да изгради став кој звучи храбро и шокантно и за денешниот читател – имено, да ја критикува науката со цел да ја промовира политичката активност на поединецот.
Во „Човековата состојба“ Арент тргнува од феноменолошка анализа на три клучни човекови активности трудот, производството и дејствувањето. Овој пристап постепено преминува во критика на марксизмот, за на крај да се трансформира во своевидна политичка теорија. На овој начин Арент создава сложено дело кое нема цел да изгради темелни филозофски концепти и истите да ги аргументира, туку да укаже на човековиот потенцијал да започнува нешто ново, да дејствува и да го (пре)осмислува својот свет.
Иако авторката своите тези и заклучоци ги изведува ненаметливо и без стремеж кон градење филозофски систем, „Човековата состојба“ е едно од клучните политички и филозофски дела на XX век.
ДЕТАЛИ ЗА КНИГАТА
Едиција Седмата функција на јазикот
Наслов на оригиналот The Human Condition / Hannah Arendt
Преведувачка Катерина Јосифоска
Број на страници 480
Повез мек
Формат 15×23 cm
Година 2019
ISBN 978-608-4852-16-2