Хана Арент (1906-1975) е една од клучните фигури во интелектуалниот живот на XX век, особено во областа на политичката филозофија. Нејзината импресивна кариера започнува во родната Германија, каде стекнува исклучително образование под менторство на Мартин Хајдегер и Карл Јасперс. Раната фаза од нејзиното творештво е на германски јазик и фокусирана на феноменологијата. Својот докторат, Љубовта и св. Августин, го пишува во 1929 година на универзитетот во Хајделберг.
Во триесеттите години на XX век Арент е активна во интелектуалните кругови во Германија. Под влијание на своите современици, Валтер Бенјамин, Теодор Адорно, Карл Шмит, Симон Вејл и други, научниот интерес на Арент се насочува кон политичката филозофија и, главно, кон учењето на Карл Маркс.
За време на нацизмот во Германија Арент е принудена да побегне од својата земја и да се оддели својот дотогашен интелектуален контекст. Во 1933 година бега во Франција, каде почнува да работи на својата книга за Рахел Варнхаген. Потоа, по германската инвазија во Франција, во 1941 година мигрира во САД и се населува во Њујорк.
Во повоените години Арент работи на низа американски универзитети и ги пишува своите клучни дела. Вниманието на пошироката јавност го привлекува во 1961 година кога оди во Израел како известувач од судењето на нацистичкиот воен злосторник Адолф Ајхман. Резултат од овој престој во Израел е книгата Ајхман во Ерусалим (1963) во која Арент ја поставува својата славна теза за „баналноста на злото“.
Клучните дела во опусот на Арент, секако, се Изворите на тоталитаризмот (1951) и Човековата состојба (1958). Во овие две книги Арент ги изложува своите главни тези и ги развива своите основни филозофски поими. Поради актуелноста и широчината на филозофскиот спектар, овие дела веднаш по објавувањето стануваат дел од канонот на западната филозофска и политичка мисла.
Покрај наведените дела, Арент ги објавува и: Рахел Варнхаген: животот на една Еврејка (1957), Помеѓу минатото и иднината (1961), За револуцијата (1963), Луѓето во мрачните времиња (1968), За насилството (1970), Кризите на републиката (1972). Нејзиното последно дело, Животот на духот, кое е замислено како продолжение на Човековата состојба, останува недовршено. Првиот дел од оваа книга е објавен постхумно во 1978 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *