(Кон „Ирмина“ од Барбара Јелин, со поговор од д-р Александер Корб и превод од германски јазик: Ксенија Чочкова, во издание на Артконект, 2020)
„Ирмина“ е графички роман, еден од ретките објавени на македонски јазик, што само по себе бара барем рамковно одредување на овој, кај нас малку застапен, жанр. Некаква најопшта дефиниција би била дека станува збор за фикција која се презентира во книга во формат којшто визуелно наликува на стрип, но поради книжевната наративна структура, истовремено се вбројува и во жанрот роман. Во различни средини и издавачки традиции, овој жанр се проширува на збирки или компилации од приказни во стриповски серии, но неретко се смета и за маркетиншки трик под којшто всушност се крие некој скапо изработен стрип. Во секој случај, визуелниот дел е исклучително голем и важен дел од книгата, во извесна мера дури и доминантен над текстот.
Барбара Јелин, илустраторка од Минхен, за овој роман се инспирира од кутијата со дневници и писма кои ги наоѓа во наследството од својата баба по нејзината смрт. Така ја создава оваа визуелна, фикциска биографија на Ирмина фон Бедингер и запрепастувачката, радикална промена при која оваа храбра девојка со слободен дух станува една од бројните пасивни соучесници на нацистичкиот режим. Насликана е во три дела кои се разликуваат по тоналитетот со којшто се нацртани, тоналитети соодветни на прекрасно претставените градски пејзажи во кои се случува дејството, но и на различните животни поглавја на Ирмина. Така, јаглен сивата и кафеавата боја, што се основа на илустрациите, во трите поглавја добиваат сина, црвена или зелена за акцентирање на личните и колективните премрежиња на ликовите.
Првиот дел се случува во Лондон во 1934 г., каде што насловната јунакиња, претставена како независна и своеглава девојка, учи дактилографско училиште и се зближува со Хауард, првиот црн маж кој студира на Оксфорд. Во поттекстот на нивната интимна врска се наѕираат сите неправилности на светот во којшто живеат, од родовата нееднаквост, рефлектирана во тоа што нејзините браќа студираат а таа не ја добива истата можност, преку колонијализмот, расизмот и односот кон Другоста, сѐ до проблемот на губењето на личниот идентитет во странство и станувањето неформален претставник на својата земја и предизвикувачките ситуации кога некој ве идентификува со националсоцијализмот од земјата од која потекнувате.
Во вториот дел Ирмина е принудена да се врати во Германија, каде што се вработува во некое од министерствата на Рајхот благодарејќи на своите дактилографски вештини и познавањето на англискиот јазик. Нацизмот и неговата пропаганда се во подем, а прашањето на народната заедница и новиот ариевски дух станува централно. Иако отпрвин таа се дистанцира и го критикува режимот, првенствено од позиција на нејзината плата и услови за живот, со текот на времето започнува да ги прифаќа поволностите надевајќи се на корист за своето семејство, се согласува со диктатурата, игнорирајќи одредени аспекти и не покажувајќи емпатија за прогонетите Евреи. Приказите на бомбардирањето на Берлин, тешката финансиска состојба и загубата на сопругот сликаат една сложена приказна за тивката трагедија на една жена во постојано борба со општеството.
Последниот, трет дел нè носи неколку децении нанапред. Повторната средба на Ирмина и Хауард, овој пат на неговиот Барбадос, провоцира сеќавање на минатите времиња и она што ги поврзувало, но ја носи и до болното признание дека во животот не секогаш останала храбрата Ирмина, туку се препуштила на судбината и околностите.
Ова е дефинитивно книга која може да ве вознемири и да ве „прогонува“ и по читањето, промислувајќи ги различните прашања кои произлегуваат од сите нивоа што ги отвора. Опремена е со поговор од универзитетскиот професор по историја Александер Корб, кој помага во разбирањето на историската заднина и кој со право констатира дека овој стрип-роман „нѐ допира бидејќи како читатели постојано си ги замислуваме алтернативните патишта кои ќе ѝ овозможеле на Ирмина да биде посреќна и, истовремено, да зачува поголема дистанца кон националсоцијализмот. „Ирмина“ трогнува и затоа што навидум знаеме многу за животот на Германците во времето на нацистите, а сепак на крајот не умееме да си го замислиме нивното секојдневие. Затоа што останува отворено прашањето зошто обичните луѓе, со нивните соништа, неволји, грижи и моменти на среќа, се впуштиле во еден убиствен систем и на тој начин дури и го овозможиле истиот.“ (Корб: 275)
Д-р Корб тврди дека оваа животна приказна е она што се нарекува „диктатура на допаѓање и согласност“, односно потребата на многу Германци да припаѓаат на заедницата, потреба која не произлегува само од послушност како резултат на репресијата. Покрај тоа, „Ирмина“ може да се чита и преку теориите за специфичната положба на жените во наци-поредокот, според кои тие можат да се набљудуваат како жртви, но може да се смета и дека тој имал и извесен еманципаторски потенцијал за нееврејските германски жени. Сепак, се чини дека во анализата на женската перспектива Корб не ја зема предвид дополнителната тешкотија за жените кои, покрај со политичката репресија на нацизмот, истовремено се соочувале со сексизам и мизогинија.
Мотивацијата зад однесувањето на главниот лик за повеќето читатели ќе биде нејасна, нелогична, можеби дури и шокантна. Тоа првенствено се однесува на индиферентноста кон обесправувањето на Евреите и конечно – одбивањето на реалноста, нешто што е често дебатирано и во науката, па и во литературата и другите уметности. Не е лесно да се сфати зошто Ирмина ги прави своите избори, но токму нејзината несовршеност и непредвидливост нѐ тераат постојано да ги преиспитуваме прашањата за минатото, откажувањето од идеалите, молчењето, вината, жртвите, одговорноста… Во овој графички роман, Јелин успева да ни понуди впечатлива, комплексна и меланхолична, убаво раскажана и уште поубаво илустрирана приказна на деликатна тема.
Скопје, 4.1.2021 | проф. д-р Ана Мартиноска |