Издавачката пролет во Артконект ја започнавме, симболично, со „Пролет на варварите“ – маестралниот краток роман на Јонас Лишер во превод на Катерина Шекутковска. Романот ја има добиено книжевната награда „Франц Хесел“ и бил во најтесен избор за „Швајцарската книжевна награда“. Лишер е еден од најинтересните современи швајцарски автори, а ова е негов прв превод на македонски.
Нашето следно издание беше „Црно сонце“ од Јулија Кристева, исклучително важно дело од областа на психологијата, естетиката и книжевната теорија. Meѓу другото, во книгата се вклучени есеи посветени на Достоевски, Нервал, Холбајн и Дирас. Преводот од француски е на проф. Елисавета Поповска.
Во подготовка е една книга за дечиња, „Дождец и Капка“ од Деница Илчева (текст) и Асја Колева (илустрации) – тоа е приказна за пријателството меѓу две капкички, за една случајна разделба, за многу авантури и за една сосема неслучајна средба. Поучна и забавна, книга во која децата сигурно ќе уживаат. Преводот е на Маја Лазаревска и Дарин Ангеловски.
Оваа пролет во Артконект најбројни ќе бидат прозните изданија. Ќе го издадеме романот „Трафикант“ од Роберт Зеталер, во кој се зборува за пријателството меѓу еден деветнаесетгодишен младич и славниот професор Сигмунд Фројд. По краткиот, но моќен роман „Цел живот“, ова е второ издание на Зеталер во Артконект. Како и „Цел живот“, Трафикант од германски го преведе Катерина Јосифоска.
Остатокот од пролетта ќе го исполнат книгите од нашиот проект ЕВРОПСКИ ПРИКАЗНИ НА НАДЕЖ, кој го реализираме со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Во рамки на овој проект, за крајот на април го најавуваме светскиот бестселер и еден од најнаградуваните шпански романи во последната деценија, „Татковина“ од Фернандо Арамбуру. На 664 страници Арамбуру раскажува потресна приказна за две баскиски семејства, истовремено допирајќи многу чувствителни и важни теми кои се релевантни за сите читатели. Ова е прва објава на славниот Арамбуру на македонски, во превод на Катерина Јосифоска.
Како дел од истиот проект, првпат во Артконект ќе објавиме и збирки раскази. Едната од нив е „Мајки и камионџии“ од младата ѕвезда на словачката книжевност, Ивана Добраковова, во превод на Звонко Танески. Добраковова со многу хумор, но и храброст, топлина и жестокост, раскажува пет поврзани приказни за пет млади жени. Втората книга е „Антарктик“ од наградуваната ирска писателка Клер Киган, збирка раскази кои фасцинираат со прекрасниот стил на пишување и со спектарот на темите што ги обработуваат. Преводот од англиски е на Ацо Пероски.
И конечно, летото ќе го започнеме со вториот графички роман од проектот „Европски приказни на надеж“, прекрасниот и трогателен „Сината е најтоплата боја“ од Жил’ Маро, во превод од француски на Филип Илиев. Ова е нежна, љубовна приказна, прекрасно нацртана и суптилно раскажана.
Покрај сите овие книги, подготвуваме интервјуа со дел од нашите автори, неколку интересни содржини за нашите читатели и, секако, работиме на следните изданија кои ќе ги објавиме во текот на летото.