Помеѓу две корици црвено-бели, 20 кратки приказни придружени со ист број на илустрации, отвораат еден цел детски светоглед. Ниту една од приказните нема наслов но секоја од нив е неверојатно лесна да се запамети. „Кратките приказни за досонување“ кои започнуваат со едно толку обично „си беше еднаш“, се вистинско четиво за малите сонувачи кои пред спиење ќе им помогнат да се смират и мирно да го завршат својот ден. Приказните раскажани со едноставни реченици, сместени во секојдневниот детски хронотоп (на детското игралиште, на тротоарот пред зграда, во џебот од палтото итн.), пред малиот сонувач отвораат цел еден космос на чудесни и необични случувања. Три од приказните имаат и фолклорни корени, а секоја од нив изобилува со едноставна мудрост и поука која паметните главчиња лесно ја восприемаат. „Кратки приказни за досонување“ даваат и суптилни одговори за прашања кои ги „мачат“ малите сонувачи: зошто Сонцето и Месечината речиси никогаш не се заедно на небото, или што сè може да има во еден џеб од заборавеното зимско палто. „Кратките приказни за досонување“ содржат и суптилни тишини со кои се премолчуваат сите прашања за кои нема одговор и кои едноставно треба да се отсонуваат.
Целата книга се чита во еден здив, а препрочитувањето на секоја од приказните е задолжително. Приказните за досонување се толку силни, што ја пробиваат онаа невидлива граница помеѓу сонот и јавето, а ликовите некако лесно се препознаваат и на улица, и извикуваат ревносно при секое протнување на раката в џеб, при средбата со секоја изгубена ракавичка на улица, при мирисот на печени костени во доцна есен. Секоја „Кратка приказна за досонување“ се чита за неколку минути, но одѕвонува низ детската фантазија со денови, се вгнездува како никулец и ја буди креативната потреба да се раскажуваат приказни, која е заразна како Кивавица.
„Кратките приказни за досонување“ се наменети за големи и мали сонувачи, а особено за дечиња од 3 до 10 години.
ДЕТАЛИ ЗА КНИГАТА
Едиција: Бајче
Наслов на оригиналот: Кратки приказки за досънуване / Зорница Христова, Миглена Папазова
Преведувач: Дарин Ангеловски
Број на страници: 40
Повез: тврд
Формат: 14 x14 cm
Година: 2017
Илустрирано издание
ISBN: 978-608-4852-00-1