Чимаманда Нгози Адичи не пишува со намера да ги предизвика или оспорува стереотипите, бидејќи тоа може да биде исто толку опасно како да имате намера да го докажувате нивното постоење. Велам „опасно“, затоа што фикцијата која се создава на тој начин, често делува вештачки, во неа јасно се гледа намерата и завршува оптоварена со својата мисија.

Адичи го прави тоа со едноставно пишување, на емотивно вистинит начин кој автоматски создава единствена приказна, бидејќи така текстот се хуманизира и доаѓа во допир со суштината. Додека се чита романот на Чимаманда може да се насети дека таа со себе носи еден потсетник кој постојано и неуморно ѝ помага да биде и да остане вистинита.

Која е разликата помеѓу Афро-Американец и Американски-Африканец? Од таа разлика, во третиот роман на Чимаманда Нгози Адичи, ,,Американа”, извира длабоко вкоренета дискусија за расното прашање. Адичи, која е родена во Нигерија, а сега живее и во својата татковина и во САД, е извонредно самосвесна мислителка и писателка, со способност да направи остра критика на општеството без да се потсмева, да патронизира или полемизира. За неа, се чини, не е тешко да се балансираат високите книжевни намери и широката социјална критика.

 ,,Американа” го испитува ,,црнствувањето” во Америка, Нигерија и Велика Британија, но истовремено претставува дисекција на универзалното човечко искуство, преку прецизноста на опсервациите на Адичи.

Адичи разбира дека фино стокмените диференцијации не влегуваат во главите на многу Американци. Ова е причината зошто многу луѓе, кога размислуваат за расното и класното прашање, инстинктивно зборуваат за „црнци и сиромашни белци“, а не и за „сиромашни црнци и сиромашни белци“. Многу од најдобрите опсервации на Адичи се однесуваат на нијансите во јазикот. Кога луѓето не сакаат да кажат „расисти“, тие велат „расно наелектризирани“.

„Американа“ ја раскажува приказната за Ифемелу, умна млада Нигеријка со силна волја, која откако ја напушта Африка, пред да дипломира, преживува неколку страшни сиромашни години, почнувајќи блог со наслов „Раснаести или Различни Опсервации за Црните Американци (оние често познати како Негро) од Неамериканска Црнка“, по што добива стипендија во Пристон (како што направила и Адичи, која споменува дека многу од искуствата на Ифемелу се и нејзини лични искуства). Оној кој постојано лебди во мислите на Ифемелу е Обинзе, нејзиното момче од средношколските денови, подеднакво интелигентен Нигериец кој го надминува датумот за престој означен на неговата виза и почнува илегално да работи во Англија.

Чувството на дислокација кое го имаат двата лика во две земји со целосно различни истории и класни структури е навистина стручно изведено. Адичи има проникливо око со кое вешто ги доловува нијансите на социјалната интеракција во одреден вид либерална елита. Ифемелу и Обинзе претставуваат нов вид имигранти, ,,добро одгледани, нахранети и напоени, но потонати во незадоволство”. Причината за нивното бегство не е војна или глад, туку е тоа бегство од ,,угнетувачката летаргија на немањето избор”. Oнаму каде што Обинзе не успева – тој брзо ќе биде депортиран – Ифемелу напредува, делумно поради тоа што таа е во потрага по автентичност. Ифемелу никогаш не се чувствувала толку слободна како дента кога престанува да го крие својот нигериски акцент зад американскиот. Покрај тоа, таа одбива да ја исправи косата дури и по цена да мора да ги издржува мрморечките понижувања од Афроамериканците кога е со белец: ,,Дали некогаш се прашувате зошто му се допаѓа тоа што вашата коса изгледа како џунгла?“.

Интересен е начинот на кој ликот на Ифемелу се обликува со самото тоа што е замината од дома толку долго. И не може да не заинтригира тоа што таа не е сосема допадлив женски лик, таа е лик кој е и силен и слаб, и боцкав и ранлив.

Иако книгата навестува дека ќе се претвори во обична и предвидлива приказна за обединувањето на Ифемелу и Обинзе, таа се протега во длабока и прониклива проценка на Нигерија, земја која е премногу горда да има трпение за ,,Американите”, повратниците од странство.. Во тој контекст, интересен е примерот со Божиќната претстава за деца, кога еден родител прашува: „Дали ги учат децата дека Божиќ не е вистински Божиќ, освен ако не падне снег како во странство?“

„Американа“ е разурнувачки интензивен, но и многу сочувствителен, светски и географски прецизен роман кој ги носи бестрашно пред нас вознемирувачките аспекти на современата реалност.

Елена Митреска