– Кон „Пролет на варварите“ на Јонас Лишер –

Набљудувајќи ги современите текови во германскојазичната книжевност од Швајцарија, многумина критичари ја забележуваат актуелноста на контроверзијата од познатата Циришка книжевна расправа (Zürcher Literaturstreit) од шеесеттите години која ги отвори старите познати прашања околу естетската или етичката цел и улога на книжевноста. Според многумина, главните опоненти во актуелниот развој се следниве претставници на добро познатите табори: од една страна, Петар Штам фигурира како застапник на lArt pour lart, како повлечениот, изолиран писател чијшто главен интерес е самата форма, додека од друга страна, како главен претставник на опозицискиот табор на littérature engagée се појавува Јонас Лишер, на кого често се гледа како на ангажиран интелектуалец и писател. Веќе познатата шема во позициите околу ова историско прашање на книжевноста би била сосема здодевна доколку не се согледа отпорот кон овие класични бинарни поделби изразен во „Пролет на варварите“. Имено, веќе со оваа своја прва книга Јонас Лишер успева да создаде приказна која ја разработува една од централните политички теми на нашата современост и истовремено избегнува да биде маркирана со стереотипите на едноумие и монолошка агитација преку длабоко обмислената полифона форма. Со други зборови, пред нас имаме текст кој низ фиктивна приказна, компонирана со строги и комплексни реченици, луцидни и аналитични мисли како и иронична дистанцираност, го прикажува капиталистичкото варварство на финансиската криза од 2008 година.

Но, како изгледа оваа ангажирана литература денес, овој истовремено стилистички деликатен и политички свесен стремеж за симбиоза помеѓу формата и содржината, помеѓу естетиката и етиката? Кои теми и проблематики ги обработува таа? „Пролет на варварите“ на Јонас Лишер не дава универзален одговор на овие прашања, но нуди еден можен пристап во книжевната обработка на финансиските кризи, нивното настанување и нивните последици. Приказната во голем дел се оддалечува од она што традиционално се сфаќа како ангажирана книжевност, од описите на работничкото милје или на работникот, од обработувањето на социјалните неправди и формите на отпор. Иако и овие проблематики се, исто така, дел од неа, тие не стојат во самиот центар. Главниот проблем на истражување на оваа куса и многу вешто изведена книга е поврзаноста на настаните во духот на денешната светска економија, интеракцијата на поединечните нејзини актери, произволноста на законите според кои се води овој кревок систем и цивилизацискиот пресврт што се случува со секој негов навидум крајно неверојатен и неочекуван крах.

Парадоксално, дејствието започнува, се развива и завршува, а дури е и делумно раскажано од лик кој апсолутно одбива да дејствува, а, сепак, пасивно партиципира. Прајзинг, еден старомоден Германец со афинитет за математички проблеми и загатки, за антички митови и застарени изрази, иако самиот не успева да се справи со менаџирањето на сопствената милионска фирма за електрични кола, сè уште фигурира како главното лице на претпријатието: фасада зад која се кријат замрсените бизнис договори на генијалниот Продановиќ и неговиот тим од експерти. „Пролет на варварите“, меѓутоа, не ги прикажува секојдневните канцелариски борби за превласт, ниту, пак, се обидува да го опише самото седиште на претпријатието како милје. Како модерен Одисеј – онака како што Јозеф Фогл во „Сеништето на капиталот“ го опишува главниот лик во романот „Космополис“ на Дон ДеЛило – Прајзинг ќе биде испратен на службено патување во Тунис кое ќе се претвори во вистинско патешествие. Не само што ќе се најде растргнат помеѓу конкурирањето на неговите локални бизнис партнери кои се обидуваат да го придобијат нудејќи му ниски цени за производните услуги, комфорен престој во Тунис, па дури и сопствените ќерки, тој ќе се затекне и на една милионерска свадбена прослава на англиски богаташи во еден луксузен ресорт во оазата Чуб, која по падот на берзата ќе се претвори во вистински пекол. Имено, патешествието го води Прајзинг не само од зелената и магловита Централна Европа во жештината на Северна Африка, туку го води и низ различните стадиуми на финансискиот крах како настан. По попатните станици, тој не само што запознава многубројни актери инволвирани и засегнати од овој глобален настан, туку и добива можност да ја разоткрие – повеќе за читателот отколку за себе – нивната меѓусебна поврзаност. Пред сè, тука се разоткрива стравотноста на лекоумноста на згодните млади англиски богаташи од свадбената прослава или на оние кои секојдневно ги ставаат животите на милиони луѓе на коцка. Токму на овие смели бизнисмени и банкари се фокусира погледот на Прајзинг, исполнет со страв кој подоцна го споделува со неговиот сопациент во психијатриската болница каде закрепнува од трауматичното искуство во Тунис. Неговиот познајник, пак, разбира можеби подобро од Прајзинг дека овој страв не е предизвикан ниту од беспрекорниот изглед на младите, ниту од нивното дрско и самоуверено однесување, туку констатира резигнирано: „Силата лежеше во парите, во огромните суми со кои секојдневно работеа и во безобразно високите плати што ги примаа. Како може нешто што има толкаво влијание врз општеството да се потцени како игра?“ Колку повеќе се потценува оваа игра, толку повеќе таа го возвраќа ударот и се претвора во несопирлива моќ, во сениште кое станува судбински принцип. Всушност, главниот лик на приказната е капиталот, неговите навидум нејасни и произволни движења со ужасни последици, а кој од почетокот до крајот останува владетел на сите и на сè.

Покрај извонредните набљудувања на глобалната поврзаност на актерите, настаните и производствените процеси во современата пазарна економија, Лишер внесува и голема доза хумор, често зачинет и со елементи од поп-културата. Ова најмногу се забележува во скицирањето на самите ликови кои неретко немаат никаков проблем да се вклопат во клишеата за еден одреден тип, како невешта и исфрустрирана наставничка по англиски јазик Пипа Грејлинг или нејзиниот сопруг и професор по социологија Сенфорд кој решението за средовечната криза го бара во прегратката на дупло помладата старосватица со стегнато тело и бесно порше. Сепак, Лишер не ја заборава својата основна цел. Покрај сите комични наративни елементи, читателот останува запрепастен од грозоморноста на сцените во кои станува јасно каде паѓа најголемиот товар на бескрупулозните ексцентрични експерименти – имено, врз искривените плеќи на деца работници и врз грпките на заузданите пустински камили.

„Пролет на варварите“ не е само еден зачудувачки прецизно изведен дебитантски  роман кој со својата стилска зрелост ги освои критичарите и стоеше во најтесен избор за престижни награди во германскојазичното подрачје. Се работи за роман кој поттикнува да се размисли и да се разбере светот во кој живееме, а преку пасивноста на централниот лик Прајзинг, можеби и суптилно апелира на итноста да се преземе одговорност и да се стапи во акција.

 

Катерина Шекутковска