Верувам дека наједноставното и најконзервативното нешто што можете да го направите – да, за доброто на децата, е да се држите до концептот да бидете добри. Тоа е најстарата заповед што постои.

 

   

Работите како литературен преведувач од англиски јазик, соосновач сте на издавачка куќа насочена кон детската литература. Истовремено пишувате книги за деца и се занимавате со организирање на креативни работилници за деца. За себе велите дека во последно време сте ученик на вашите две ќерки. Како мајка која и самата некогаш била дете, како го опишувате концептот детство?

Кога си дете, светот постојано се менува. Како замок кој ја менува формата со секоја нова работа што ќе ја научиш – а учиш МНОГУ. На замокот се појавуваат нови кули, некои од старите стануваат дрвја, трети се уриваат или се преместуваат на друго место. Сосем вообичаено е да се изгубат еден или два континента, или предметите да ја променат својата големина. Животните се многу важни, а повеќето од локалните џинови (т.е. возрасните) всушност се добри.

Секако, не премногу добри, ниту премногу заинтересирани за да си играат со вашиот замок само поради тоа што нивниот им станал многу досаден.

Потребно е само да бидат тука, подготвени да ве гушнат и охрабрат, и подготвени да бидат зачудени и восхитени од она што сте го создале.

Културата за деца е сфера на спротивставени вредности, простор во кој концептот да се биде дете е оптоварен со родови, расни и социјални позиции. Како писателка за деца, какво е вашето искуство во испитувањето на  претставата на децата за светот на возрасните?

Ваквата ситуација е многу тажна. Повеќето идеологии преферираат да го избришат минатото и да почнат одново. Го сакаат концептот на детето како tabula rasa. Го сакаат концептот на детето како некој беспомошен, кого можете да го натерате да повторува по вас сè што ќе му кажете. Понекогаш детето може да биде натерано да повторува работи кои се сурови, работи кои учат на омраза. Го имам видено тоа кога бев мала, а го гледам и сега. Тоа е непростливо. Да, сакате вашите родители да ве сакаат и ќе направите сè за да им ги исполните очекувањата. Но, исто така, сакате и да бидат добри. Ќе пораснете и не сакате да се срамите. А многу е срамно да сретнете некој кон кого сте биле сурови без никаква посебна причина, освен тоа да усреќите некој трет.

Денес, многу неправди се оправдуваат како нешто што треба да се направи за доброто на децата. Светот е многу несигурен и луѓето се обидуваат да се држат до минатото кое изгледа поедноставно, до некој ритуал, идиличен универзум, кој веројатно никогаш и не постоел, и продолжуваат да се борат против сè што им изгледа како промена. Верувам дека наједноставното и најконзервативното нешто што можете да го направите – да, за доброто на децата, е да се држите до концептот да бидете добри. Тоа е најстарата заповед што постои.

 

Литературата за деца почива врз релацијата возрасен (автор, читач, подарувач) – дете (читател, слушател). Каков е според вас идеалниот т.е. имплицитен читач/читател на овој вид на литература?

Процесот на читање си има своја сопствена скала на растење. Доаѓам во искушение да кажам дека идеалната ситуација е онаа во која родителот му чита наглас на детето, пред спиење, и зборува со смешни гласови за да ги илустрира ликовите од книгата, а детето поставува прашања или ги прелистува страниците наназад за повторно да ја види својата омилена илустрација и негодува затоа што сака приказната да има поинаков пресврт. Но ова се должи само на тоа што тоа е шестгодишно дете и на својата возраст сака да го прави токму тоа. Од друга страна ја имаме независната млада читателка, која сама ги избира книгите што ги чита, дури и оние забранетите, дури и ако остави многу задачи незавршени или пак мора да ги заврши набрзина додека патува до училиштето. Исто така, тука е и читателот кој никогаш не може да дочита ниедна книга затоа што постојано потонува во фантазии во кои тој ја има улогата на главниот лик. Тука е и читателот кој користи светилка за да чита под ќебе, како и оној кој прави куќичка на дрво за да може да чита, а и оној кој не чита многу, но одеднаш ќе се сети на нешто што го прочитал одамна и тоа ќе му биде многу важно. Како кога мало парче чоколадо одеднаш ќе добие многу поубав вкус откако ќе прочитате колку му е важно на Чарли во Чарли и фабриката за чоколадо.

 

Од каде тргна идејата за Кратки приказни за досонување?

Долго време сакав да напишам кратки и едноставни приказни. Ги сакам приказните на Имантс Зидониус затоа што можат да земат само една слика и потоа оставаат сè да се врти околу неа. По природа, и по образование, јас многу зборувам; како преведувачка, навикната сум на огромни текстови, како По војната на Тони Џат, книга која има повеќе од 900 страници. И масовната култура за деца, во најголем дел, е мошне динамична – како пример можеме да земеме еден долгометражен анимиран филм, каде дејството едноставно ве влече со себе. Јас искрено уживам во тоа, но исто така имам и голема склоност кон спротивното – слики кои се како семиња, со доволно простор околу нив за да можат да пораснат. Како едноставна мелодија.

Пред две години, мојата пријателка, уметницата Миглена Папазова, ми испрати неколку од своите слики мартинки. На нив имаше употребено мотиви од народниот вез, но многу умерено – само неколку линии кои сочинуваат дрво, со црвена и бела боја, три јазли кои сочинуваат птица – и тоа беше сè. Многу ми се допаднаа и ѝ се јавив за да ѝ кажам дека сакам заедно да направиме книга. Напишав неколку раскази, користејќи ги моите омилени слики од народните приказни – месечината која станува патка, ракавицата која им станува дом на животните, реката која ја менува бојата, итн. Во книгата има две животни кои постојат и во реалноста – светулката ѝ беше „домашен миленик“ на ќерка ми едно лето (секако, не беше истата светулка секој ден), а козата, многу одамна, му беше пријателка на татко ми. Другите приказни ги напишав во Вентспилс (Латвија), каде престојував во Куќата за преведувачи и писатели. Таму само неколку часа од денот имавме сончева светлина, па секој ден, по ручекот, ќе го земев велосипедот и ќе отидев покрај морето. Или пак возев низ шумата сè додека не пронајдев приказна, која се обидував да ја запаметам или да ја запишам на хартивчиња што ќе ги најдев во џебовите. Ако беше предолга, или тешка за памтење – тогаш сметав дека секако не е доволно добра.

 

Што работите во моментов?

Пишувам книга за орел, врапче и два реда мразулци.

 

БИОГРАФИЈА

Зорница Христова е родена во 1974 година во Добрич, Бугарија. Дипломирала на Англиски и американски студии на Универзитетот во Софија, а специјализирала на Универзитетот во Оксфорд. Работела како преведувач и уредник, преведувајќи автори како Џулијан Барнс, Џумпа Лахири, Роберт Фрост, Дон ДеЛило и Тони Џат.

Во 2010 година почнува да пишува книги за деца. За нејзините книги Вкусот на географијата (во соработка со Десислава Димитрова и др.) и Кога сакам да молчам (во соработка со Кирил Златков) ја добива националната награда Христо Г. Данов за најдобра детска книга на годината. Книгата Кога сакам да молчам во 2017 година е објавена во Белорусија, Русија и Украина од издавачот Попури. Градска географија (во соработка со Д. Димитрова) е вклучена во каталогот White Ravens и во 2018 година ќе биде објавена од издавачката куќа Креативни центар, Србија.

Зорница е соосновач на издавачката куќа Точица од Софија. Мајка на Ана, 15, и Ниа, 6.

 

Интервјуто го подготвил: Дарин Ангеловски