И на ова лето му се ближи крајот.
Зборот не ми е за исушените базени,
ниту за ветрот
што копа по мрши како младенче од чакал
на песочиште…
Зборот ми е за едно друго лето,
за други знаци.
Кога чувствуваш дека твојата ѕвезда оладува,
та си ја вадиш од градите и ја зашиваш на сакото,
или на реверот како цвет,
за другите, конечно, да можат да ја забележат.
И кога веќе си научил да преговараш:
пет колачиња за една единствена цигара,
пет години од животот за еден пораз во љубовта,
пет пеперуткини животи за пет дена на ларва во кожурец,
кога сфаќаш
дека горчината е клучот на постоењето.
И кога гледаш дека пејзажот на лицето на мајка ти
и гестовите на татко ти
прецизно се повторуваат кај тебе,
без ниедна алтернатива,
како што градот повторно се враќа во рутина
откако ќе се тргне еуфоричната декорација за празниците.
Што стана со она кое некогаш нè правеше единствени?
Под вратата, непознати раце
пикаат рекламни памфлети
со попусти за облека на крајот од сезоната.
Лето на распродажба.
А под перницата,
други раце,
кришум во ноќта ставаат предизвици на пола цена,
кои една половина од нашата гордост
ќе продолжи да ги одбива
барем уште некое време…
(препев: Линдита Ахмети)