— Интервју со Роберт Зеталер —

Како да се размислува за комплексноста на егзистенцијата, без притоа да се влезе во стапицата на бескрајната развлеченост? Еден од можните одговори ни ги носи новелата Цел живот од австрискиот писател Роберт Зеталер.

Неговата умешност во прикажувањето на мрачните и ведрите страни на животот ја наведе новинарската критика да го спореди ова дело со некои остварувања на Џон Бергер, Џон Вилијамс, Алистер Меклеод, Сем Хана Бел, па дури и со новелата Старецот и морето од Хемингвеј, додека книжевната критика го награди со бројни високи признанија.

Објавата на новелата Цел живот на македонски јазик во издание на Артконект како премиерно претставување на Зеталер и неговата естетика на вчувствување кај нас е повод за овој разговор. 

 

Луѓето вообичаено мислат дека писателите паметат сè што напишале. Кои се вашите книжевни почетоци, се сеќавате ли на темите коишто ве интересирале тогаш?

Јас често не се сеќавам дури ни на речениците што сум ги напишал вчера. Кога ќе отворам некоја од моите книги сум запрепастен, или ужаснат, или во најмала рака сум изненаден од тоа што го пишува таму. Темите од минатото се теми и денес: смртта (животот), љубовта, работата. Всушност, не постои ништо друго. Моите книжевни почетоци беа мачни, но не така мачни како книжевното напредување. Пишувањето е работа. Мислам дека Хантер С. Томпсон има кажано: „Пишувањето е како секс – забавно им е само на аматерите“.

„Цел живот“ од Роберт Зеталер

Една фигура, една претстава, една мала сцена се издвојуваат од несвесното и полека заземаат облик и харизма. Со среќа и со многу труд, од тоа настанува приказна.“

Книжевното дело претставува реакција, своевиден одговор или коментар на некаков културен, социјален, политички, технолошки или епистемолошки контекст. Сепак, склони сме да веруваме дека тоа пред сè настанува како резултат некаква внатрешна причина. Доколку направите рефлексија врз чинот на книжевното создавање, можете ли да ни кажете нешто повеќе за поводот/причината/последицата кои ве вдахнаа да ја раскажете приказната во кусиот роман Цел живот.

Приказните доаѓаат од некаде. Ми доаѓаат како притоки во текот на мојот живот, ако може така да се изразам. Во секој случај, секогаш се работи за слика. Една фигура, една слика, една мала сцена се издвојуваат од несвесното и полека заземаат облик и харизма. Со среќа и со многу труд, од тоа настанува приказна. Приказната е како река којашто не се храни само од еден извор, туку од многу притоки. Се разбира, улога има и моето потекло. Планините во Австрија. Страшната и убава снежна тишина таму горе. Суровоста. Студот. Самотијата и изолираноста од светот, кои понекогаш ги тераат луѓето уште повеќе да ги збијат редовите. Го научив тоа.

Новелата Цел живот го привлече вниманието на читателите ширум светот освен со спокојниот, едноставен и економичен стил и со вчувствувањето (Einfühlung) кое му овозможува на читателот активно учество „во“ делото преку внесување на сопствените емоции. Имајќи ја предвид естетиката на вашиот израз се поставува прашањето кои се авторите и делата кои го помагаа(т) вашето зреење како писател, вашите книжевни учители.

Немам учители, барем не некои коишто се живи. Книгите можат да бидат учители, но понекогаш дури и мошне лоши. Не би можел да наведам некоја посебно. Освен тоа, честопати попоучно е да се излезе на улица, во гостилница, во шума, отколку да се чита книга. Го сакам Сервантес, но од него ништо не научив.

Освен писател вие сте и актер. Се појавувате во филмот Младост на режисерот Паоло Сорентино во кој двата главни ликови, Фред (Мајкл Кејн) и Мик (Харви Кајтел), се доживуваат како извесна евокација на ликот Гвидо Анселми (Марчело Мастројани) од култниот 8 1/2 на Фелини. Интертекстуалните рамништа во овој филм, чие дејство е поместено на швајцарските алпи, може да се согледуваат и според други референции. Меѓу нив внимание привлекува карактеризацијата на епизодниот лик Лука Мородер кој го толкувате вие и кој според професијата на искусен планинар, но и како маж кој не е многу вешт со жените, мошне дискретно го евоцира ликот на Андреас Егер, носителот на дејството во романот Цел живот. Постои ли свесна врска помеѓу Лука Мородер и Андреас Егер со оглед на тоа што појавувањето на романот претходи на појавувањето на филмот или станува збор за совпаѓање?

Чисто совпаѓање. Паоло Сорентино ме покани на кастингот. Двапати одбив, бидејќи не го познавав и затоа што патот до Рим ми беше премногу долг. Тогаш некој ми го даде неговиот филм Големата убавина (La Grande Belezza) – беше брилијантен, вистинска симфонија, вистински голем филм, па затоа сепак решив да отпатувам. Во Рим беше ужасно студено и истураше дожд, но кастингот помина добро и ја добив улогата. Тоа беше сè. Дури подоцна разбрав дека Паоло е оскаровец. Сепак, меѓу Лука Мородер, Андреас Егер и мене постои нешто заедничко: ниту еден од нас тројцата не се снаоѓа со жените.

Како дете, секогаш живеев во својот мал свет. Веројатно затоа претпочитам да пишувам. Тоа е повеќе свртување кон внатре. Со актерството морате да се отворите кон надвор или пак да го зголемите она што го носите внатре во себе, да го направите видливо.“

Според вашето искуство како и колку актерството му помага на пишувањето и обратно.

Израснав со сериозно оштетување на видот и одев во училиште за слепи во Виена. Како дете, секогаш живеев во својот мал свет. Веројатно затоа претпочитам да пишувам. Тоа е повеќе свртување кон внатре. Со актерството морате да се отворите кон надвор или пак да го зголемите она што го носите внатре во себе, да го направите видливо. Тоа никогаш не ми било јака страна. Секогаш кога играв во театар се чувствував толку засрамено, што само посакував штиците да ме проголтаат. Со филмот е подобро; тивката ненаметливост на камерата ме штити.

Кои се вашите главни преокупации денес во поглед на литературата?

По мојот последен роман (Поле, 2018, н.з.) си помислив, тоа беше тоа, никогаш повеќе нема да пишувам. Си мислев дека можеби би можел по цел ден бесцелно да скитам или да седам некаде на сонце. Но, тоа секако не е решение. Значи, сепак повторно почнувам со една приказна. Се работи за музика. И за смртта. Но, и онака секогаш се работи за тоа.

Интервјуто го подготви: Дарин Ангеловски

превод на/од германски: Ана Србиновска