— Интервју со Лина Волф —
„Љубовниците полиглоти“ е вториот роман на шведската писателка Лина Волф (1973). Во 2016 делото ја добива наградата „Аугуст“, една од најзначајните шведски книжевни награди. Романот е објавен во повеќе од 18 земји, а на македонски јазик излегува во 2020 год., во превод на Родна Русковска и во издание на издавачката куќа Артконект. Токму тоа е и поводот за овој разговор.
Гардијан пишува за „Љубовниците полиглоти“ како за „highly enjoyable absurdist comedy“. Македонскиот издавач го препорачува романот како метафизички трилер којшто балансира на границите на реалноста. Се согласувате ли со овие определувања? Како вие го дефинирате својот роман?
Нема ништо потешко од тоа човек сам да си го дефинира својот роман. Тоа е како да си го дефинираш семејството на објективен начин. Мислам, какви ти се членовите на семејството и зошто? Невозможно е! Што и да кажеш, ти се чини дека е вистина, но воедно ти се чини и дека е лага бидејќи си пристрасен и окото не ти е објективно. Меѓутоа, кога двете тврдења во вашето прашање би биле точни, би била многу среќна. Се разбира дека станува збор за метафизички роман бидејќи обожавам метафизичка книжевност, а и ми причинува големо задоволство да ја творам. Но, кај метафизичките романи секогаш постои ризик од претенциозност, и токму таму, се надевам, стапуваат на сцена хуморот и чувството за трилер. Сакам да пишувам за големи и важни прашања, како на пример за мажите и жените и нивниот однос на моќ, но не сакам да попувам. Се надевам дека не попувам. Сѐ дури некој не ми вели дека попувам кога пишувам, ќе бидам среќна.
Исто така, не сметам дека има нешто лошо во забавата. Дури и Сервантес кога го напшал „Дон Кихот“ сакал да забавува. Тоа го нарекол entretenimiento sincere и мислел дека доколку човечката душа се забавува на искрен начин, ќе се отвори и ќе се подготви за мудрости. Сметам дека оваа е преубава мисла за еден автор.
„Љубовниците полиглоти“ е составен од три дела во кои тројца наратори (Елинор, Макс и Лукреција) ја организираат свеста на приказната. Колку ваквиот начин на реализација на раскажувањето ви помогна во намерата да проговорите за идеолошките и културните контексти денес?
Дефинитивно многу! Не можам да си замислам ништо поклаустрофобично од тоа да создадеш еден наратор кој ќе може да восприеми сѐ, да види, да процесира и да извлече заклучоци од тоа. Сметам дека е толку очигледно дека сето творење, всушност целиот текст, е само перспектива на нешто што, кога е спротивставено со нешто друго, ќе се смени бидејќи се гледа во друга светлина. Можете да бидете и поотворени и гласни кога им дозволувате на вашите наратори да си ги искажат своите мислења доколку им дозволите и на нивните антагонисти да си ги искажат своите исто така. Ова ми дава можност, на пример, да комбинирам феминистички со „уелбековски“ идеи на драматичен, но игрив начин.
Во романот има една теза која привлекува внимание. Според неа, (парафразирам) пишувањето на секоја друга тема, освен на онаа за мажот белец, хетеросексуалец, преминува во политика. Кој е вашиот коментар?
Всушност, тоа беше нешто што чув како го вели еден дизајнер на компјутерски игри. Ѝ раскажуваше на публиката како ги создава ликовите во тие игри, и една жена го праша зошто никогаш не користи жени или црнци за некои од улогите. Тој одговори дека ако го направел тоа, „сѐ ќе се исполитизира“, а тој сакал некои од ликовите да бидат „чисти и неисполитизирани“, па за да го постигне тоа, морал да ги создаде како бели, хетеросексуални мажи. Ова го рече на толку спонтан и искрен начин, не мислејќи да навреди никого, но само се покажа колку некои нешта се невидливи, а сепак, ништо не може да биде неисполитизирано ако нешто друго е исполитизирано. Ова едноставно кажува што се смета за норма и зошто сѐ уште имаме пат за одење пред нормата да се прошири.
Постојаната смена на релациите во романот ја нагласува индивидуалната гледна точка на ликовите. Центар на прикажаниот свет речиси и да не постои, или доколку постои, тој е умножен. Дејствието воглавно се врти околу ракописот на Макс Ламас, писателот кој верува дека напишал идеален роман… Се наметнува прашањето за улогата на литературата денес, за што служи таа?
Нигерискиот писател Чигозие Обиома во едно интервју рече дека кога пишуваме, се обидуваме да го одговориме следново прашање: „Кои сме ние и зошто страдаме?“ Ме воодушеви едноставноста на одговорот. Јас лично, кога читам, барам некакво сродство во сето ова, како да сакам да видам дека постојат и други луѓе кои не знаат вистински кои се и кои се прашуваат зошто страдаат. Токму како мене! Од друга страна, книжевноста може да биде одличен одмор од бесмисленото човечко постоење. Можеш да ги согледаш нештата од друга перспектива, можеш да се претопиш во таа глетка и барем за час да се одмориш од своите здодевни маки. А штом ќе им се вратиш, можеби ќе имаш веќе најдено нов начин да гледаш на нив.
Најголемиот дел од ликовите во романот истовремено се и добро информирани читатели, па така ликот Лукреција се повикува на нешто што го прочитала кај Болањо и кај Борхес. Ликот на Макс си муабети со сопругата за нешто што напишал Стивен Кинг, а скоро сите го читаат Уелбек. Од каде е толкавиот интерес за Мишел Уелбек во вашиот роман?
Се чувствував многу депресивно откако прочитав некои од неговите романи. Ме погоди неговиот циничен поглед. И тогаш си помислив, ова ли треба да ми го прави книжевноста? Да ми ја убие радоста што сум жена? Тогаш одлучив да напишам нешто што беше обратно од неговиот цинизам. Сепак, не сметам дека отидов докрај. Цинизмот е заразен и на некој начин и мојот роман е циничен, но сега сметам дека тоа сигурно било неизбежно. Морав да создадам цинични ликови за да се справат со други цинични ликови. Како Клаудија и Макс. И навистина уживав во моментот кога конечно можев да ги оставам да се сретнат за добра борба.
Една гномична сентенца од романот вели: „Да се зборува нов јазик е како да се додаде нов брод во флотата, но да се смени дијалект е повеќе како предавство“. Кои се предизвиците со кои се соочува шведското општество денес?
Претпоставувам дека луѓето од руралните средини во повеќето земји живеат со оваа дилема кога си го напуштаат селото. Дали ќе си го смениш дијалектот за да изгледаш поурбано, покосмополитски, или ќе се држиш до своите корени од каде што си дошол, дури и ако тоа е место што многу луѓе од урбаните средини го поврзуваат со ограничени сфаќања и нетолеранција? Шведска е отворено општество, барем на површината, и можеш да чуеш дијалекти од сите делови од земјата на државни радио и тв-станици, иако за овие промени си треба време. Никогаш не се откажав од мојот дијалект и среќна сум за тоа. Го одразува местото каде што пораснав, па не гледам поента да го скријам.
Романот од една доба се просудува, вреднува и толкува од неговите современици. Каков е приемот на „Љубовниците полиглоти“ во Шведска и Скандинавија, а каков ширум светот? Што можете да заклучите од реакциите на читателите?
Одѕивот ги надмина сите мои очекувања. Кога го завршив романот, добив чувство како да сакам да го напишам одново на различен начин. Исто така се плашев дека е преостар, прегласен, прехрабар. Се сеќавам дека ѝ реков на мајка ми дека „сега сите ќе ме мразат“, а таа ми одврати, „Се грижиш ли за тоа?“ И си помислив дека да, се грижам, и тоа многу, но не толку од личен колку од писателски аспект. Пишувањето за мене е еден вид комуникација, па затоа одговорот ми е важен. Нема смисла да негирам. Излезе дека на луѓето навистина им се допадна. Потоа мислев дека сум ги потценила читателите. Повеќето од нив знаат како да се забавуваат, не се здодевни луѓе и можеш да бидеш искрен, а тие ќе направат напор да те разберат, или барем ќе ти дозволат да ги забавуваш додека те читаат. Ме охрабрија да пишувам понатаму и чувствувам огромна благодарност за тоа.
Интервјуто го подготви: Дарин Ангеловски