„Јас не сакам кавги, само прегратки.“ (Ема)

Приказните се кратки но со многу забавна и поучна содржина и мотивираат да бидат „досонувани“, како што сугерира и насловот.
Ајде ти „досонувај ни“ една од приказните – развиј ја по свое.

Еден ден едно глувче си нашло ракавичка. Влегло во едното прсте. Потоа дошло едно зајче и тропнало на врата на ракавичката. Глувчето му отворило и го пуштило да живее во другото прсте на ракавичката. Па дошле едно маче, куче и прасенце да ги пополнат другите прстиња. Сите си живееле среќно сè додека не се распаднала ракавичката.

Една од приказните раскажува за тоа како Сонцето и Месечината се скарале и исчезнале сите птици од небото, а облачињата си ги затнале ушите. Што мислиш ти за кавгите меѓу луѓето, за нивните недоразбирања? Дали мислиш дека од нив може нешто и да се научи? Како се справуваш ти во кавги?

Не треба никој да се кара, треба сите да разговараат мирно. Од кавги никој не е среќен. Јас не сакам кавги, само прегратки.

Има една приказна во книгата за едно дете што ставало трошкички на својот прозорец за да не бидат птиците гладни. Дури и Месечината се претворила во птица за да може да си касне од трошките.
Како мислиш дека може да се подобри односот на нас луѓето кон животните, особено тие што се во градот?

И јас ставам трошки на прозорецот и имам две гулапчиња што секој ден ги чекаат трошките. Животните се наши пријатели и треба да ја чуваме природата, нивниот дом.

Во друга приказна, болестите (Кивавица, Кашлица, Грлобол) се прикажани како живи суштества со емоции, кои серизно се навредиле зашто луѓето постојано ги бркаат од себе, па се договориле да си приредат забава.
Периодов се соочуваме со пандемија, која секако, сите сакаме да си замине засекогаш. Како ти се справуваш со предизвиците што ги носи пандемијата, дали правиш нешто ново и креативно, што не си го правела пред да се случи ова? Кои книги ги прочита?

Си шијам разни форми од материјали, си правам фигури со силиконски пиштол.
Ги прочитав „Зоки Поки“, „Птицата во мене лета каде што ќе посака“, три книги за Исидора Мун.

Целата книгичка е во црвено-бела боја и е илустрирана од уметницата Миглена Папазова. Дали би сакала и ти да нацрташ еден цртеж со црвена боја на бела основа за една од приказните?

Да, многу сакам црвена боја. Приказната со храната и пикникот.

Кога би можела да ја прашаш нешто авторката на книгата, Зорница Христова, што би ја прашала? Ние ќе го пренесеме прашањето и таа ќе ти одговори.

Ема: Сакам да ја прашам од каде ги собира приказните? Дали некоја од приказните ѝ се случила навистина?

Авторката Зорница Христова одговори:

Драга Ема, овие приказни се собирани на брегот на едно северно море. Беше многу ладно и воопшто немаше луѓе – можеби затоа приказните не се плашеа да се појават. Ги избирав најмалите – оние кои можев да ги запишам на билетчиња, сметки од продавница и на други хартивчиња во мојот џеб. Или пак гледав да бидат доволно куси за да можам да ги запомнам. Ти многу точно сфати дека една од приказните е вистинска. Само што таа не ми се случи мене, туку на мојот татко, кога бил малечок. Тој навистина се вика Христо и навистина имал пријателче – козичка која стварно му ја џвакала пуфката на капата.

А тебе какви приказни ти се случувале навистина?

Ема: Мене ми се случи вистинска приказна покрај Вардар. Се шетав со моето братче Марко. Тој сака да скока во висока трева, а мајка ми се плаши дека ќе му се закачи крлеж.
Мене во тревата ми се закачија седум бубамари во еден ден. Ми се качуваа по рацете и сакав да ги однесам дома за да ми бидат миленичиња. Последната ми се искака на рака и се откажав од идејата.

Прашањата ги состави: Маја Лазаревска
Одговорите се на: Ема (8 години)

Преводот на книгата на македонски е на Дарин Ангеловски.