Човечкиот животен пат е понекогаш камен кој се мазни низ времето, а другпат е кревка свеќа на ветрот. Живеејќи ги секојдневните ситуации, сеќавањата се нашите најдолги патувања на кои секогаш одиме сами.
Но, во романот на Рохинтон Мистри „Толку долго патување“, за главниот јунак Густад Нобл, татковска фигура со силен чекор иако куц, животот е постојано чекање некаков знак. Знак што ја води приказната низ една типична индиска парси фамилија, во почетокот на седумдесеттите години од минатиот век. Време во кое Западот цути низ хипи движењето, а во Бомбај нештата се сосема поинакви. Водата се зоврива, мувите се секојдневен декор во малите индиски соби, млекото се чека секое утро од локалниот лажлив продавач. Една несовршена, речиси спокојна идила на едно семејство со секојдневни проблеми – жештина, болести, минато кое пече како лута рана, грижата за иднината на децата, моралното кормило кое се врти и во најтешките и наједноставните пловидби. Но, она што ја прави оваа книга приемчива и достапна за читателот е нејзината универзалност, манифестирана преку човечката потреба за ред во хаосот во кој живееме. Потребата за правда во нерешените семејни односи и пријателски врски и гордоста како мeч над нив.
Основата на приказната во „Толку долго патување“ е одмотување на клопчето на едно пријателство кое е длабока тага во душата на Густад. Тој добива писмо од својот стар пријател со кого има нерасчистен и тегобен однос. Во писмото не се бара помирување поради честа на пријателството, ами активно учество во една нетипична мисија која неминовно води до ризик и непријатност.
Патувањето е, всушност, откривање на детално исткаениот лик на Густад кој со својата емпатија и потреба од постојана консултација, но и верба и љубов кон својата сопруга Дилнаваз, решава дека ќе ја истера таа нелегална активност и барање на својот стар пријател, макар одел до крајот на светот. А тоа најдолго патување за него значи постојано преиспитување на личниот морал, свест и позиција во светот. Нималку наивен, а сепак добродушен и добронамерен, овој лик е одлично „составен“ за да создаде и лична рефлексија кај читателот кого, каде и да се наоѓа на оваа планета, го мачат истите прашања – доверба во себе, во системот, во Другиот. Токму во таа насока, овој роман го обелува образот на една фамилија, затоа што секој од нив има своја „загатка“ во карактерот. И тоа на впечатлив начин го прави читањето совршено течно. Преводот ја пренесува атмосферата во целост, што е суптилна уметничка нијансираност за која преведувачот имал особен усет и слобода. Оваа книга, иако е во постојана динамичност низ настаните кои на микро и на макро ниво го поместуваат тежиштето на главниот лик, на крајот завршува со спокој, со една жртва која како да го покрива целото тело на романот со свечен крај. Како ритуал на спалување тело и заминување во една поубава вечност – а тоа е споменот на нашето патување додека сме го живееле животот.
Ана Голејшка-Џикова