Ќе започнам од попатниот коментар на еден читател дека во некои од книгите што ги објавуваме има многу молчење, односно дека често се случува ликовите долго да молчат. Тоа е така не затоа што немаат што да кажат, туку затоа што им е потребно време да ги откријат вистинските зборови – вистински во смисла на тоа да се и најсоодветните, но и најточните. Бидејќи е исклучително важно не само да се разбереме себеси, туку и да го искажеме тоа и пред себе и пред другите, зашто дури тогаш, искажани, тие зборови стануваат (некаква, макар само наша) вистина. Ова двојство на себеразбирањето и себеискажувањето е особено видливо во две од нашите изданија и мислам дека воопшто не е случајно што и двете се напишани првенствено за млади читатели, но еднакво им се предизвик и на возрасните. Мислам на „Птицата во мене лета каде што ќе посака“ од Сара Лундберг и на „Азбуката на Моркел“ од Стијан Холе. Има повеќе сличности меѓу двете книги, и површни и суштински: и двете се илустрирани книги за млади (но, не баш за деца), и двете се напишани од скандинавски автори, и двете се фокусирани на преминот од детството кон младоста, и двете зборуваат за откривањето на начинот на кој ќе се изразиме себеси, и двете го сфаќаат созревањето како начин на кој го откриваме својот глас и, секако, и во двете има многу молчење.
Всушност, не само што го има, туку молчењето е клучно во овие две книги – но не само како контемплативен чин, туку и како уметничка постапка. Имено, среде купиштата развревени памфлети за самопомош кои се преполни со клишеа, упатства, насоки, правила, совети, рецепти…, уметничката литература не се плаши од молчењето. Напротив, го прифаќа, го вгнездува во себе, го поставува како основа на својата експресивност. И тоа, како што ќе ви каже секој што ги познава историјата и теоријата на книжевноста, е едноставната, но јасна и непогрешлива разлика меѓу книжевноста и сето она што не е книжевност.
Би издвоил само по еден аспект во двете книги што мене лично, како на читател што има извесни, мали познавања од литературата, ми се чинеа фасцинантни и прекрасни, иако суптилно изведени.
„Птицата во мене лета каде што ќе посака“ е, како што денес е популарно да се каже, „origin story“ на шведската сликарка Берта Хансон и зборува за нејзиното детство – период кога Берта се соочува со трагедиите што ги носи животот, но и го открива својот уметнички глас. И прекрасниот момент што авторката Сара Лундберг го смислува, а кој според мене е многу важен во книгата, е следниот: иако сосем лесно Берта може да го открие сликарството поради тагата, траумите, болката…, таа, сепак, не ја открива уметноста фројдовски, туку магиски. Имено, мајката на Берта е болна и девојчето верува дека ако ѝ прави мали глинени фигури на птици, тие некако ќе ѝ помогнат на мајката да оздрави. Оваа врска меѓу вербата во магиската моќ на предметите и уметничкиот импулс што се зачнува во нивното создавање е мигот во кој настанува уметноста (не мислам само на уметноста на Берта Хансон, туку општо на уметноста како човекова активност преку која тој се изразува себеси). Младите читатели можеби нема да го протолкуваат вака детално овој миг од книгата, но прекрасно е што авторката Лундберг, која е исклучително талентирана уметница, го вметнува во својата книга и гради не само портрет на една уметница во детството, туку дава и мал омаж на „детството“ на уметноста како практика.
Во „Азбуката на Моркел“, пак, двајцата главни ликови, кои сè уште се деца, се спријателуваат преку зборовите. Се чини дека на почетокот им е тешко да разговараат, онака како што вообичаено ни е тешко да кажеме нешто за себе, а тоа да не биде банално. И затоа си разменуваат пораки напишани на ливчиња што ги оставаат некаде во природата, во надеж дека ќе бидат пронајдени. Во едната од нив Ана му пишува на Моркел: „Те видов.“ Мислам дека ова објаснува зошто во книгата има малку текст и толку многу слики и бои – Ана и Моркел ги откриваат зборовите гледајќи ја природата околу себе. И тука повторно го гледаме магискиот начин на мислење кога толкувањето на појавите од природата води кон откривање на еден нов јазик: во обликот на јатата птици што летаат на небото, во преплетувањето на гранките на дрвјата, во трагите во снегот Ана и Моркел препознаваат букви – и откриваат своја интимна азбука, го откриваат начинот на кој може да бидат заедно. Оваа мала, суптилна скица на зближувањето е, всушност, прекрасна метафора за „заедничкиот јазик“ што го користиме со луѓето што ни се навистина блиски. Во тој „јазик“ и молчењето е еден вид искажување, односно начин да бидеме заедно. Веројатно затоа и Ана и Моркел на крајот замолчуваат и, едноставно, ги гледаат птиците.
И тоа нè води назад до „замолчувањето“ и „себеискажувањето“, но јасно е дека овде не зборуваме во смисла на нивна спротивност како бинарни опозиции, туку во смисла на еднакво важни импулси во еден сложен механизам кој ја придвижува и одржува експресивноста. Во двете дела за кои зборував, тоа е основата врз која авторите ги засноваат своите книги, инкорпорирајќи го тој механизам и во структурата на своите приказни и користејќи го како уметничка постапка – впрочем, онака како што го среќаваме во сето она што го нарекуваме уметност.
А. Пероски