(кон „Невидливите“ од Тена Штивичиќ)
Книгата Невидливите претставува избор од три драмски текста од Тена Штивичиќ: „Седум дена во Загреб“, „Искри“ и „Невидливите“. Книгата е објавена во рамките на проектот „Европски приказни на надеж“ што издавачката куќа „Артконект“ од Скопје го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Преведувач на овие три текста е Владимир Јанковски, кој создал превод лесно приспособлив за работа на сцена, користејќи едноставен јазик близок до денешниот неутрален разговорен јазик, истовремено задржувајќи ја целата специфичност на изразот, односно литерарноста на оригиналот.
Според добиените награди и според бројот на театарски изведби, слободно може да се каже дека драмските текстови на Тена Штивичиќ спаѓаат во самиот врв на современата европска драматургија. Тој факт несомнено се должи на специфичниот, фрагментарен авторски израз, близок до сензибилитетот на современиот човек, како и на умешноста на авторката низ кратки и секојдневни ситуации – еден вид „отсечки од животот“ – да прикаже огромен дијапазон на емоции, да навлезе длабоко во човековата психа и јасно да проговори за човековите состојби. Текстовите на Тена Штивичиќ се производ на нашето време: тие зборуваат за нас, за луѓето што ги познаваме, како и за индивидуалната потрага по некаква сигурност, некакво засолниште во овој свет на неизвесност.
Седум дена во Загреб
Овој текст на еден лесно восприемлив начин отвора теми поврзани со мајчинството и бременоста во подоцнежен период во животот, зборува за бракот, очекувањата од блиските и за меѓусебната доверба.
Ликовите се навидум самоуверени, стабилни, успешни, исполнети и подготвено се впуштаат во секој предизвик. Но авторката вешто загребува под таа блескава површина, изнесувајќи ги пред нас целиот хаос, комплицираните односи и внатрешната несигурност на ликовите, секогаш во потрага по себеси и во постојано преиспитување на секоја своја одлука. Таа мошне умешно и духовито си поигрува со она што денес се нарекува „размислување со своја глава“ наспроти востановените медицински практики, но и со нашата тенденција да ги менуваме навиките со текот на времето, па така, додека во вените сè уште имаме остатоци од нашиот довчерашен бурен живот, одеднаш не можеме да го поднесеме чадот од цигари, почнуваме да се храниме со органска храна, стануваме свесни и проактивни во однос на животната средина и потпишуваме петиции против градење згради и за зачувување на парковите.
Несигурноста е константа и кај оние што се борат да го најдат своето место под сонцето, но и кај оние што навидум веќе го нашле своето место, успешни во својата работа и во приватниот живот.
Искри
Овој текст на многу начини се поврзува со нашето секојдневие. Ликовите се затекнати во еден затворен простор каде што немаат контрола над ситуацијата. Од една страна, соочени се со строгите аеродромски правила кои мораат да ги почитуваат, а од друга страна, свесни се дека никој нема контрола, единствено хаосот е евидентен и владее законот на случајноста.
Аеродромот е точка на вкрстување на патиштата на луѓе со различни навики и карактери, место каде што се судираат различни светогледи, некои слични, а некои сосема спротивни, и сите тие случајни средби и разговори имаат свој резултат, оставаат некаква трага врз поединецот. На едно такво место, луѓето почнуваат да се сомневаат во исправноста на своите одлуки, да ги преиспитуваат, да размислуваат каде тргнале и зошто, размислуваат за пропуштените можности, но и за неочекуваните опции кои се отвораат пред нив и кои би можеле да го променат текот на нивниот живот. Ретко кој се осмелува да направи голем исчекор. Состојбата во која се наоѓаат ликовите во овој текст – затворени во еден „меѓупростор“ и оневозможени да реагираат и да дејствуваат – неизбежно ќе нè потсети на ситуацијата во која се наоѓаме и ние сега, како и целиот свет – ситуација во која животот е ставен на чекање, плановите се неизвесни, а ние, луѓето, сме затворени во строго определен простор, во кој ни се дозволени строго определени активности.
Невидливите
Во „Невидливите“, пак, Штивичиќ покажува мајсторија во преплетувањето на проблемите од развиениот „западен свет“ со оние од земјите во развој, ставајќи ги луѓето од различни профили, професии и земји на едно место, едни покрај други, во меѓусебна интеракција. Емигрантите од нашите краишта, но и оние од Блискиот и од Далечниот Исток, барем поголемиот дел од нив, се занимаваат со егзистенцијални прашања, како барање дом, работа, некаква стабилност во материјална смисла. Емигрантите се борат со животот каде што никој не ги познава и не им се насмевнува, им недостигаат родната земја, топлината, пријателите, храната и чувството на припадност, сами и изгубени меѓу сите тие „староседелци“ кои со леснотија пловат низ секојдневието, седат во ресторани, се смеат и опуштено си разговараат, се бакнуваат и немаат никакви грижи. Но, и тоа е привид: „староседелците“ во западноевропските земји се во потрага по некаква цел и исполнетост во духовна смисла. И тие водат своја борба: против празнотијата и апатијата, депресијата и отуѓеноста. Авторката на непретенциозен, топол и човечен начин успева да покаже дека сите проблеми имаат своја тежина. Во овој текст во голема мера е присутна носталгијата по времето кога амбициите беа помали, а луѓето беа задоволни со нив. Сега амбициите се големи и животот се живее под постојан притисок.
Лидија Митоска-Ѓорѓиевска