Ги замоливме преведувачите да ни одговорат на две прашања во врска со книгите што ги преведуваа во рамките на проектот „Европски приказни на надеж“:

  1. Кој Ви беше најголемиот предизвик при преведувањето на ова дело?
  2. Каква порака на надеж, според Вас, носи приказната?

Ова се нивните одговори.

Наташа Сарџоска, преведувачка на „Начин на љубење“ од Валтер Уго Мае

Станува збор за книга што е наменета за сите возрасти и тоа го отежнува процесот на пренос на друг јазик. Освен тоа, фабулата користи длабоко и густо метафоричен јазик, а едновремено пораките што ги праќа се кристални, чисти, речиси наивни. Оттаму, предизвикот за мене како преведувач беше да се изнајде вистинската рамнотежа меѓу јазикот и магијата на надреалната, симболичната, зрела приказна.

Приказната дава длабока надеж, надеж што може да се сретне и во наједноставните нешта во природата, повикува на едно повисоко човештво, човештво со силна етика и свест, човештво што издигнува и слави вредности како чесност, чест, достоинство, правда, нежност, добрина, великодушност, љубов, искреност, невиност. Исто како и „Малиот принц“ или „Пинокио“, и оваа книга содржи универзални пораки кои никогаш нема да ја загубат својата итност, актуелност и автентичност.

„Начин на љубење“ од Валтер Уго Мае

Ксенија Чочкова, преведувачка на „Ирмина“ од Барбара Јелин

Најголемиот предизвик при преведувањето на „Ирмина“ од Барбара Јелин за мене беше фактот дека за првпат преведував графички роман. За разлика од останатите книги кои сум ги преведувала досега, овој пат морав да се „принудам“ да размислувам во кратки реченици кои би ги собрало во облачињата на сликите. Друг предизвик беше изнаоѓањето решенија на македонски за многуте звуци што се присутни во книгата. И, трет предизвик веројатно беше преведувањето на историскиот контекст.

Пораката на надеж што ја носи книгата е дека иако понекогаш во животот носиме погрешни одлуки, односно ги жртвуваме своите идеали и верувања и се приспособуваме за да достигнеме некаква материјална благосостојба, сепак никогаш не е доцна да ги согледаме сопствените грешки и да се покаеме. А, вистинските пријатели секогаш ќе ја имаат големината да нè разберат и да бидат тука за нас.

„Ирмина“ од Барбара Јелин