Ги замоливме преведувачите да ни одговорат на две прашања во врска со книгите што ги преведуваа во рамките на проектот „Европски приказни на надеж“:
- Кој Ви беше најголемиот предизвик при преведувањето на ова дело?
- Каква порака на надеж, според Вас, носи приказната?
Ова се нивните одговори.
Звонко Танески, преведувач на „Мајки и камионџии“ од Ивана Добраковова
Најголемиот предизвик за превод на делото беше неговата актуелност и популарност не само во домашниот словачки културен контекст, туку и во меѓународни рамки. Станува збор за шармантен и привлечен прозен текст што има и солидна читателска публика.
Приказната носи една универзална порака на надеж која се согледува првенствено низ дејствувањето на главните протагонисти кои неретко минуваат низ различни премрежиња во животот, но, сепак, остануваат упорни во барањето посреќни и поисполнителни решенија што ќе им ја направат егзистенцијата посреќна и порадосна. Сето тоа е напорен процес во динамичното време во кое живееме и кое е одлично отсликано во книгата, ама надежта како категорија, сепак претставува константен стремеж што води напред.
Катерина Јосифоска, преведувачка на „Татковина“ од Фернандо Арамбуру
Првиот одговор што ми се наметнува за тоа кој беше најголемиот предизвик при преведувањето на „Татковина“ е – баскиските зборови, кои низ текстот ги има многу и за кои на крајот од книгата има и мал речник. Баскискиот јазик не го познавам солидно и тоа подразбираше многу проверки при преведувањето и транскрипцијата на зборовите. Предизвик е и стилот на Арамбуру, кој е полн со отстапки од нормата, со прекинати реченици, некаде со по неколку зборови разделени со коса црта, како авторот да се двоумел кој збор да го стави. Специфичен стил кој исто така бараше многу проверки и внимание.
Најголемата порака на надеж (зашто ги има повеќе во оваа книга) мислам дека доаѓа преку ликот на Аранча. Имено, исклучително моќен момент во книгата е тоа што најголемиот товар што треба да се изнесе е оставен на ликот кој е беспомошен. Всушност, книгата во голем дел ја следи борбата на Аранча, односно борбата на најслабите да го спасат светот што им е познат и што го сакаат. Иако е најкревкиот, Аранча е истовремено и еден од најсилните ликови во „Татковина“. Па, оттука и пораката на надеж во оваа книга е дека дури и најбеспомошните понекогаш можат да ги спасат (душите на) луѓето што ги сакаат. Звучи како клише, но Арамбуру ја пренесува оваа порака многу приземно, реалистично, хумано, далеку од клишеа и патетика.