На 9 декември во Детскиот креативен центар-МКЦ се оддржа една прекрасна ликовна работилница инспирирана од книгата „Птицата во мене што лета каде што ќе посака“ од Сара Лундберг.
„На самиот почеток на работилницата го дискутиравме она што авторката сака да го пренесе во книгата низ неформален разговор“, вели Доротеј Нешовски кој ги води овие ликовни работилници.
Во текот на ликовната работилница се комбинираа повеќе техники: колажна техника, сув пастел, туш, фломастери…
Децата се обидоа да илустрираат птица и себеси во свет на слободна мисла и композиција сакајќи наративно да ја прикажат птицата во сопствена стилизација.
Благодарение на издавачката куќа АРТКОНЕКТ децата ја добија книгата и имаат можност да ја прочитаат и повторно да ја илустрираат во нивна имагинација и фантазија. Книгата зборува токму за уметноста во онаа детска возраст и развој кога децата се запрашуваат за многу работи во врска со животот и околината што ги опкружува.
„Да ги создадеме идните уметници е мојата препорака“, вели Доротеј Нешовски.
Што да правиш кога имаш чувство дека е невозможно да ги исполниш сите очекувања што другите ги имаат за тебе? Кога се наоѓаш во некоја гранична земја меѓу детството и светот на возрасните и во себе посакуваш нешто што одвај себеси можеш да си го објасниш со зборови? „Птицата во мене лета каде што ќе посака“ на Сара Лундберг е приказна инспирирана од делата на сликарката Берта Хансон, од нејзините писма и записите во нејзиниот дневник.