„Јарињата Брусе одат на училиште“, вториот дел од серијалот книги за Јарињата Брусе издадени на македонски од страна на АРТКОНЕКТ, на едноставен, лесен, детски и забавен начин ги прикажува предизвиците со кои секое дете се соочува на првиот училишен ден. На патот од дома до училиште се проткајува вечната дилема: „зошто токму јас и зошто токму сега мора да се оди на училиште?“ Книгата е ем шарена ем шаренолика, со прекрасни илустрации, интересни не само за децата туку и за возрасните. Постојано се запрашувате дали дете или возрасен ги нацртал. Сленгот на кој говорат протагонистите е примамлив и лесно се лепи за уво. Децата уживаат смеејќи се на фразите „Аста ла виста бејби“ и римите како „ен два и три по три исчезни од тука тролу ти“, на кои постојано им се навраќаат во текот на читањето. Дијалошкото обраќање проследено со соодветни илустрации им овозможува на децата да претпостават што се случува уште пред да прочитаат или да им биде прочитано. Веднаш погодуваат кој е подол и лош, а кој добар. Целата сцена дава простор за разни претпоставки. Преводот соодветно ги именува карактерите, нарекувајќи ги според заслугата и видот.
Книгата постепено нè води од возбуда преку неизвесност до страв. Како што всушност се и фазите во првата година на училиште. Возбуда од новото, неизвесност дали сè ќе биде во ред, до страв од казни доколку не одговориме на очекувањата.
Кулминацијата е соочувањето со најстрашното, најлошото, непредвидливото. Со страшниот ТРОЛ. Главниот негативец од првиот дел.
Трите јариња, братчиња, на „ен, два, три“ успеваат да го победат и да ги освојат сите симпатии.
И на крајот сосема неважно, дали се работи за јариња, прасиња, пајчиња или зајчиња, важно е колективното, братско, здружно, другарско спротивставување на злото. Било тоа да е олицетворено преку трол, волк, џин или дух.
Јарињата Брусе не само што одат на базен и на училиште, туку тие тоа го прават со херојски стил!
Повеќе не откриваме, прочитајте па ќе дознаете.
Напишала: Марта Чупевска
Илустрирал: Вук Петрушевски