Како настана и се разви идејата за Грозовилата?
Се случи една вечер кога го успивав мојот тогаш две и полгодишен син. Цело време потпевнуваше грозовила, грозовила. Го прашав дали е тоа некоја бајка што ја читале во градинка. Рече дека не. Кога и Гугл го потврди истото, си ја присвоив грозовилата. Се разбира, Мартин за своите авторски права доби голема кутија лего-коцки. Потоа имавме тешка зима, а за Мартин беше многу напорно во градинка, бидејќи речиси секоја седмица ѝ подлегнуваше на некоја настинка. Отидовме кај мајка ми која живее покрај реката Колпа. Таму Мартин си играше на снегот, а јас пишував приказни за грозовилата. Атмосферата и тонот во нив, всушност, ги диктираше самиот простор. Тоа беше крајот на моето детство, полн со волшебни приказни, а татко ми е страстен раскажувач. Отсекогаш ме интересирале приказните за родниот крај и за предците. Бидејќи почвата таму е сурова, отсекогаш имало многу повеќе човечка снаодливост, фантазија и солидарност. А и упорност, тврдоглавост и свет бес. Речиси секој камен има своја приказна која неретко допира до најдалечните длабочини. А за такви нешта мора да се најде храброст. Се сомневам дека грозовилата ќе се случеше да бев пораснала среде голем град.
Да се пишува за деца – дали е напорно, забавно, едноставно, тешко?… Дали постои магична формула како да се стане (добар) писател за деца?
Најверојатно пишувањето, без разлика дали е за деца или за возрасни, е многу индивидуална работа. Што се однесува до мене, не би рекла дека е забавно, но сепак чувствувам некој вид задоволство. Тоа задоволство е веројатно резултат од самото творење. Бидејќи немам многу време за творење поради други обврски, седмиците што можам да ги украдам се волшебни сами по себе. Тогаш кога ја градам рамковната приказна се чини едноставно, но тешката работа следува подоцна. Со јазикот и со ликовите. Создавањето ликови што на приказната ќе ѝ дадат печат е поврзано со добри дијалози и со избор на вистински реченици, па понекогаш човек може и да заглави. Тогаш си мислам: дремам тука веќе цел час на една единствена страница, дали навистина ми е потребно сето ова? Стружењето и мазнењето, сечењето и додавањето можат да бидат тешки и понекогаш и заморни и здодевни. Нешто како тренинг, при кој секогаш се повторува истата вежба. И кога ќе завршам, никогаш не сум убедена дали сè е навистина на свое место или треба да се промени нешто. Ако постои магична формула, тогаш тоа е токму стружењето и мазнењето, сечењето и додавањето. Барем во мојот случај. И многу читање.
Дали е потребно романот за деца да е илустриран? Каков е дијалогот меѓу илустрацијата и зборот? Какво е Вашето искуство?
Не, во никој случај не е потребно, но е добредојдено. Иако секој читател може да си ги наслика сцените на свој начин, секогаш ме интересира како сцените ги гледа илустраторот. Бидејќи како уредник работам со илустратори, секогаш се обидувам да најдам врска помеѓу приказната на авторот и визуелниот говор на одреден илустратор. Да се предвиди токму она што го велите: каков ќе биде дијалогот меѓу нив. Дали ова ќе биде само монолог или ќе има жива дебата што ќе ги осветли скриените аспекти на приказната од илустраторски аспект и ќе ја направи уште поинтересна? Кога размислувам за илустраторите на моите приказни, секогаш мислам на оние што можат да го насликаат изразот на лицето на ликот, тоа ми се чини клучно. Ми се допаѓа кога илустраторот додава детали во приказната кои се само негови и не се во самата приказна. Особено кога тоа се ситни духовити нешта. Сепак, таа надградба треба да остане во духот на приказната. Со Керолајн Тау се разбираме одлично, таа обично избира сцени што претпочита да ги илустрира, а потоа ми испраќа скици за кои заедно дискутираме.
Фантазијата како потребна состојка во романите за деца, раскажување што се темели на фантастичност или реалност – каде ја гледате Грозовилата во денешниот свет на децата?
Фантазијата е клучен дел од реалноста. Фантастичните светови отсекогаш ми биле поблиски од литературата што проблематизира нешто одредено. Отсекогаш бев фасцинирана од онаа неверојатна пештера со злато што ја пронашол овчарот во планината, како и фактот дека, да бил паметен, ќе го оставел таму и ќе се задоволел со свирчето. Свирчето, како по правило, излегува дека е волшебно. И покрај нејзината првична дивост, Грозовилата е многу стабилен лик со срце на вистинското место, а пред сè секогаш размислува со сопствената глава. Без разлика дали се работи за реален или за имагинарен свет, многу е поважно срцето да ти е на вистинското место и да размислуваш со сопствената глава.
Дали карактерите на животните во книгата се алегории? Сакавте ли преку светот на животните да раскажете нешто и за светот на луѓето?
Секако. Тоа е всушност нашиот свет, тоа се нашите приказни, иако во нив има елементи на фантастиката. Верверицата со црвена шапка е најверојатно метафора за онаа искористувачка црта во човекот која во поголемиот дел од историјата на нашето време и општество владеела со светот. А го управува и сега, од феудалниот систем до мултинационалните компании, секогаш наоѓајќи начин да владее со останатите. Имам сретнато многу плашливи и нестабилни верверици кои живеат во својот етеричен свет и на кои им се потребни многу топлина и љубов. А пред сè тоа е свет кој не е црно-бел. Животните се соочуваат со суеверие, со немрднување од дома, со мрзливост, со осаменост и со многу други човечки особини со кои се среќаваме во секојдневниот живот. Секој може да направи грешка, но може и да ја поправи. Свеста за тоа ни овозможува оптимистичка верба во иднината.
„Грозовилата во Страшната шума“ и „Грозовилата и дивата зима“ се чинат доволни за да се заљубат читателите во приказната, но сепак, дали следува и трета?
Нацртот за третата приказна е завршен, во неа дружината од Страшната шума со летало тргнува на југ, доживува несреќа и завршува на необично место. Но, бидејќи има многу нови ликови внатре, оди бавно. Ќе има уште многу поправки и стружење. Ако имаме среќа, бидејќи и илустрациите на Керолајн Тау доцнат од технички причини, книгата ќе излезе за година-две.
Што ви значат преводите на двете книги на многубројни јазици? Какви се одѕивите на децата?
Тоа што книгата е толку преведувана ми се чини неверојатно. Истовремено е и голем поттик. Но, се соочувам и со прашања во врска со преведувањето. На пример, во Полска, polh не е смрдул туку смрдулка. Проблемот се јавува кога смрдулката и ежот во вториот дел ќе се степаат. Дали ежот би нападнал женка? Тогаш си мислам колку е тешко да се биде преведувач. Одѕивите на децата се интересни, прашањата што понекогаш ги поставуваат ме замислуваат. Еднаш едно дете ме праша каков папок има грозовилата. И морав да се запрашам себеси дали грозовилата воопшто има папок. Дали грозовилите ги раѓаат мајки или можеби растат од бодликаво вилинско сито? Ова се работи за кои потоа размислувам и ми даваат материјал за понатаму.
Дали сте среќни ако / кога ве читаат возрасните? Зошто?
Сум сретнала повеќемина возрасни читатели кои се обожаватели на Грозовилата. Се разбира дека тоа ме радува. И сама имам одредени литературни светови на кои им се навраќам. На пример, светот на Мумините, или животинскиот свет на Кенет Греам. Можеби тоа значи дека делото е повеќеслојно, дека нуди доволно животни прашања и иронија што може да го убеди возрасниот читател. Некои животни искуства можеби се уште поблиску до возрасниот читател. Сепак, мислам дека грозовилите се простираат низ имагинативно богат пејзаж, и се доволно забавни и авантуристички за да привлечат, пред сè, деца-читатели.
Дали подготвувате нешто ново?
Иако наполу решив да создадам еден вид книжевен свет на Страшната шума во кој ќе има и поезија, и приказни на кртот, или збирка страшни приказни што ги раскажуваат на прославата на Дабу абуу, и дека времето што го имам ќе им го посветам пред сè на тие идеи, сеедно не можам да останам на едно место. Се надевам дека пред почетокот на летото ќе излезе мојата сликовница со наслов „Како да се исплаши чудовиште“.
(Интервјуто го подготви Лидија Димковска)