фотографија: Крис Клоус © Chris Close

При читањето на Подземната железница на читателот му станува очигледно дека романот се потпира на обемно и темелно истражување. Иако се работи за историски теми кои се универзално познати, дали при истражувањето на материјалот кој се однесува на ропството во Америка имаше нешто што ве изненади? Дали при создавањето на романот ве водеше емотивна реакција кон историските факти и како се справивте со тежината на темата?

 

Едно е да учите за ропството во училиште, а сосема друго да се соочите со тој материјал како возрасен. Ја разбрав, на мошне подлабок начин, вистинската изопаченост на ропството, а исто така и колку голем потфат било неговото организирање. Во него биле вклучени сопствениците на робовите, но исто така и ковачот кој ги изработувал железните оски за тркалата со кои памукот се носел на пазар, новинарот кој пишувал огласи за побегнатите робови – сите биле вклучени, директно или преку недејствување. Што се однесува на емоциите, ако постојано бев лут, не ќе можев да го обликувам во уметност.

 

Подземната железница во голема мера се потпира на креативниот потенцијал што го нуди суптилната игра помеѓу фактите и фикцијата. Како ја добивте идејата во романот да вклучите документаристички елемент – вистински огласи за избеганите робови со кои почнува секое поглавје?

 

Огласите за избеганите робови ги вклучив затоа што имав таква можност со оглед на нашите закони за авторски права! Но никако не можев да се натпреварувам со вистинските огласи – во нив има насобрано толку многу историја во само десетина редови. „Побегна без причина“ – а ние знаеме зошто. „Има потиштен изглед“ – се разбира дека има. „Има лузна од изгореница на раката“ – како ли ја добила?

 

 

Подземната железница е првиот ваш роман во кој главниот лик преку кој се води нарацијата е жена. Освен тоа, овде ликот на Кора како да е и утроен преку ликовите на Аџари и Мејбел. Ви беше ли предизвик да го доловите женскиот светоглед?

 

Не. Секогаш е тешко да го доловите ликот на хартија, без оглед дали е многу сличен на вас или воопшто не е сличен на вас. Доколку е лесно, тоа веројатно значи дека не сте вложиле доволно труд, дека не работите како што треба.

 

Во едно од клучните места од романот, еден од ликовите го спомнува „вистинското лице на Америка“. Како Кора би реагирала на денешното лице на Америка?

 

Веднаш би ги препознала и корупцијата и суровоста.

 

Мешањето на жанровите и играта со структурата е карактеристика и на другите ваши дела. Меѓутоа, дали некогаш сте размислувале да го смените и медиумот, односно да напишете – на пример – стрип, сценарио за видео игра, сценарио за филм или ТВ серија?

 

Сакам да се држам до тоа што го знам. Секогаш кога ќе почнам да пишувам сценарио, ќе направам 30 страници и ќе си речам: „Ах, ова е премногу тешко. Подобро да напишам роман.“

 

Во јули беше објавен вашиот нов роман, а за следната година е најавена телевизиска адаптација на Подземната железница. Во меѓувреме, вашите книги се преведуваат на голем број странски јазици. Колку сте вклучен во „животот“ на вашите книги откако ќе ги напишете (адаптација, преводи и сл.)? Дали можеби веќе работите на вашата следна книга?

 

Доколку работев на телевизиската серија „Подземната железница“ немаше да го напишам Момчињата од Никел, така што одлуката што да правам за мене беше лесна. Во моментов имам напишано околу една третина од нов роман и навистина е убаво што повторно работам.