четворица кралеви
загинаа во мојата битка
веќе нема север и исток; нема запад и југ
животот се чини накривен,
а не паѓа
само ѕвездата на воздухот ме ѕвекнува
по устата

 

Битката против мене

Во моето минато
истовремено свети црвено
и за пешаците,
и за колите.

 

Оваа пролет

се прифатија грешките.
И каква битка за живот во нивните неразумни телца,
колкав бес да покажат на што се способни,
колку пламени бои насред честитата земја,
каква радост. 

На Нија
 

 

Љубов

Го помнам овој човек,
раната му е како кораб,
коработ му е како покривка,
покривката му е како мочуриште,
мочуриштето како ѕвезда
и ѕвездата како рана.
Човек како човек.

                                                                               

Божиќна песна

(Второ утро наоѓам компир во празничниот чорап)
Треба да стигнам до морето
да го оставам велосипедот пред острите камења,
како што правеше ти пред една година...
Ти, светлината над моето име, бранот во него,
со две малечки рипки.

                                                                                

Љубовта

се влече по подот на кујната,
ползи збунето по ходникот кон дневната,
бастунот надалеку одлетува,
сосем сама, сосем сама,
никој уште не знае што точно ѝ e скршено,
самата таа веќе не помни
кому да се јави.

Силвија?

 

Препев од бугарски: Маја Лазаревска