— Интервју со Стојчо Младенов —
Поетската збирка „Меѓу два града“ содржи шеесет песни од наградуваниот млад бугарски поет Стојчо Младенов. Поетското писмо на Стојчо Младенов покажува јасност, економичност и кохерентност во стилот и јазикот. Ослободен од насилна лиризација и литературно необременет, овој поет ја поставува леќата на лирското јас во удобната позиција помеѓу, од каде што, благодарение на неверојатниот усет за флуидноста на мигот, мошне прецизно ги детектира проблемите на тревожната стварност.
Претставувањето на неговата поетска првообјава „Меѓу два града“ на македонски јазик беше поводот за овој разговор.
Која е професијата за која сонуваше како мал, а која е професијата во која дејствуваш сега? Како се случи да почнеш да пишуваш стихови?
Прашањето за професијата за мене е болна тема, ќе бидам искрен и ќе речам дека не знам што точно сакам да работам и тоа многу ме вознемирува. Помнам дека како мал сакав да бидам адвокат. Е, неколку години студирав право и сфатив дека тоа не е за мене. Во моментов сум студент по психологија.
Како почнав да пишувам… не знам, спонтано, во момент на тага и болно чувство на самотија.
Јадрото на твојата прва поетска збирка е сочинето од неколку песни со кои во 2013 г. се пријави на најстариот национален поетски конкурс за млади автори во Бугарија. Со нив стана најмладиот лауреат во историјата на овој натпревар. Следната година дојдоа и други поетски признанија. Истовремено со нив, во 2014 се случи објавата на твојата прва поетска збирка „Меѓу два града“, а во 2019 таа излезе и на македонски јазик. Од оваа стихозбирка на интернет може да се прочита избор во превод и на англиски јазик… Кои се сознанијата што ти ги донесоа овие објави? Какви се тие?
Поезијата и литературата многу ми помогнаа, и тоа во клучен момент за мене. Работењето на оваа книга беше начин да се справам со загубата на татко ми. Најдрагоценото нешто што произлезе од овие „признанија“, за што сум многу благодарен, се луѓето што ги сретнав, со коишто се спријателив. Да, поезијата ме сретна со моите луѓе, тоа е најбитното сознание.
Дел од поетските слики во твојата поезија почиваат врз колективнaта меморија. Поголем дел произлегуваат од лични доживувања. Токму со нив го насочуваш вниманието на читателот кон незабележливото, кон мигот што произлегува од и му припаѓа на секојдневието. Што ти кажува оваа дијалектика на другоста и себството за светот денес? Како би ја определил неговата духовност сега?
„Светот денес“ е мошне комплексна и долга тема, каква што била отсекогаш. Се давиме во информации и претстави, располагаме со брзи и лесни задоволства… бегаме од себеси и од важните прашања, наоѓаме оддишка со консумирање секакво ѓубре и разни непотребности. Јас лично имам потреба од повеќе тишина и забавеност, од можноста поквалитетно да се биде со другиот.
На крајот од насловната песна на стихозбирката читаме: „Меѓу два града/навистина многу придавки за добра песна“. Како препознаваш добра поезија? Дали можеби според нејзината одлика да го растајнува светот, или е во прашање нешто сосема друго? Што ти се допаѓа како читател?
Не сум вешт во анализирањето и зборувањето за поезија или уметност.
Немам дефиниција за добра поезија, не знам. Ја обожавам полската поезија – Шимборска, Ева Липска, Ана Свиршчињска, Ружевич… исто и некои американски поети како Били Колинс и Франц Рајт, Џим Харисон. Јосип Ости и Костас Монтис ми се најомилени, балканската поезија е прекрасна. Сега ми текнува, големиот норвешки поет Олаф Хауге вели или поскоро пишува, дека добрата песна мириса на чај, исцепени дрва, сурова земја. Таква е, такво е и моето сфаќање за добра поезија.
Кои се поетите или песните што те инспирираат? Кои дела од современата поезија би ги препорачал? Што читаш во моментов?
Сѐ поретко читам поезија. Последниве години претпочитам романи, имам потреба од целовита приказна, од подолго доживување, да читам и да се внесам, да се заборавам. Во мометов ја препрочитувам „Ана Каренина“. Вниманието ми е насочено кон класиците и прозата. Не ги следам новите автори и поетските настани.
Имаш ли совет за почетниците, за младите автори? Што би им порачал?
Ја немам самодовербата дека знам нешто посебно за кому било да давам совет. Советот што самиот го следам е едноставен: читај што е можно повеќе, пишувај што е можно помалку, а ако може, воопшто не пишувај.
јануари 2020
Скопје – Софија
Интервјуто го подготви: Дарин Ангеловски