— Интервју со Јулијана Адамовиќ —
Во издание на Артконект се објави македонскиот превод на романот Диви гуски од хрватската писателка Јулијана Адамовиќ. За овој роман, Адамовиќ доби неколку книжевни награди во Хрватска, а книгата имаше одлична рецепција и кај публиката и кај книжевната критика. Миљенко Јерговиќ романот го опиша како „неочекувано ремек-дело од мрачните панонски рамници“, а според Миќа Вујичиќ, „Диви гуски го опишува животот соголен до суштината, онаков каков што го создадоа модерните класици Херта Милер и Џон М. Куци“. Јулијана Адамовиќ со зачуден јазик и автентичен тон има напишано трогателен, моќен и потресен роман за едно специфично растење.
Зигмунд Фројд во своите студии ја негираше идејата за детството како период на невиност, идејата за децата само како невини суштества. Диви гуски е роман што оди на линијата според која психата на детето и начинот на гледање на нештата се сложени процеси, исполнети со многу нијанси. Во тие нијанси постојат различни нешта, но сигурно детето не е само нежно, наивно суштество полно со љубов. Како гледате на ова прашање?
Зигмунд Фројд пред сѐ мислеше на нагонското кај детето, па во тој контекст и чувствата на неугодност што ги има во телесното. Денес под поимот „невиност на детето“ мислиме на нешто сосем друго, а тоа е поврзано со способноста на детето да биде лошо или манипулативно. Да, сите сме способни за тоа, а дали, колку и кога ќе ја развиеме таа особина најмногу зависи од „надградбата“. Какви се моделите од кои детето учи во текот на растењето, во какви услови и околности е „фрлено“. За жал, во нашето општество манипулативноста често се смета за позитивна способност, зашто остварените цели ги засенуваат средствата, па не толку мал број родители благонаклоно гледаат на стратегиите со кои детето ги остварува. Најмногу, зашто се копија на нивните сопствени стратегии.
Една од темите на романот е прашањето на злото. Злото во луѓето околу нас, злото во секој од нас, злото што произлегува од односите во кои луѓето се наоѓаат или влегуваат. Читањето на книгата остава впечаток дека злото секогаш подразбира одредена релација, дека тоа е контекстуално, општествено условено, последица на некои односи. Дали е можно да се разговара за злото надвор од општествените односи и контексти?
Лавот што ја јаде антилопата не е лош, туку гладен. Човекот што истата таа антилопа ја убива на сафари е можно да не е исконски лош, но, секако, прави нешто лошо. Истото тоа однесување само до пред стотина години не го набљудувавме на тој начин. Значи, би кажала дека за злото е можно да се разговара токму поради општествените односи и контексти. Никако надвор од нив.
Детството е многу важна тема во книжевноста. За некои автори детството е период на загубениот рај, но за други детството е период на суровост, сурово соочување со животот што ги содржи истите елементи од зрелите години на животот. Како гледате на детството, што е детството за вас?
Психосоцијалната развојна фаза наречена детство е моја професионална, а би кажала и лична преокупација. Тоа се темелите на секоја личност, бетонот што го истураме на арматурата (на биолошкото наследство). Реално погледнато, тоа е исклучително стресен период. Никогаш не сме соочени со толку предизвици, стравови од непознатото (зашто, главно, сѐ ни е ново и непознато), обиди и грешки, па со самото тоа и со фрустрации. Чувство на зависност, на немоќ. Од друга страна, тука се емоциите и таканаречената безусловна љубов каква што веќе никогаш нема да добиеме, заштита, наградувањето поради успехот или како поттик, откривање и возбуда на светот околу нас. Идеално би било да се има таков обем на награди и фрустрации кои ќе нѐ поттикнат во развојот, а да не ни штетат. За жал, тоа се случува ретко. И тогаш настануваат кратките споеви и обрасците што ќе нѐ следат низ животот. Понекогаш станува збор за ситници, а понекогаш тие состојби се патолошки. Тоа е она што ме преокупира во професионална и во книжевна смисла.
Диви гуски се занимава со семејните односи кои се проблематични и трауматични. Насилство во семејството, нетолеранција меѓу сопружниците, проблематични машко-женски односи. Односот на таткото и мајката не е патријархален, но исто така, тоа не е однос заснован на еднаквост. Сметате ли дека Вашиот роман може да има своевиден придонес кон надминувањето на патријархалните односи?
Не би била толку претенциозна. Навистина, така го конципирав: имаме чудна комбинација на матријархат (односот меѓу Бабата и таткото) и обид за еманципација (мајката и таткото), кој поради незрелоста на актерите води во конфликти, па неретко завршува со обид за подредување на оној другиот, што секако не е и не може да биде еманципација. Што ќе извлече читателот од тоа, што ќе заклучи, прифати или отфрли, навистина не зависи од мене.
Во својот текст „Подвоеноста на текстот“, Нада Бобичиќ Ви замерува дека по читањето на романот Диви гуски не е јасно, цитирам: „Што била целта на авторката? За што сакала да проговори? Дали за тоа дека женското растење е обележано со расцепеноста меѓу две силни женски фигури, мајката и бабата?“ Потоа таа продолжува дека романот има „недостиг на феминистичка перспектива, како и похрабар исчекор во политичкото“. Каков би бил Вашиот коментар на оваа критика?
Смешно е низ една литерарна семејна приказна да се набљудува феноменот на „женското растење“. Дали тоа значи дека секое „женско растење“ е исто? Во конкретната ситуација растењето навистина е обележано со расцепот меѓу две силни женски фигури и дополнително, со комплексниот однос со машката фигура, која исто така се наоѓа во истиот тесен простор. Но, нагласувам дека тоа е една, конкретна приказна, а не научно дело на тема „женско растење“. И што би значело тоа „похрабар исчекор во политичкото“? Не гледам дека денес е мошне храбро да се пишува со исчекор во политичкото. Тоа речиси е главна струја. Што се однесува до феминистичката перспектива, таа во романот ја има во голем степен. Суптилно, но и отворено, низ детското заклучување за лишеноста врз основа на родот/полот. Тука посебно би го издвоила делот „За еден Осми март“. Па и самиот роман настана како некој вид женска верзија на близнаците на Агота Кристоф, каде што се прашав дали близнаците на злото би можеле да одговараат толку брутално кршејќи ги општествените норми, ако по некоја случајност се девојчиња. Но, ако од мене се очекувало да пишувам некои политички памфлети, морам да ги разочарам. Никако не се согласувам со тоа. Улогата на писателот не е да исполнува туѓи желби и очекувања, како што неговата задача не е да биде политички ангажиран низ книжевното дело. Јас ги раздвојувам тие нешта. За мене книжевното дело е длабоко креативен процес, а колумната или интервјуто се полигон за општествен ангажман.
Диви гуски наскоро излегува на македонски јазик. Романот имаше одличен прием не само во Хрватска, туку и во регионот. Која е следната книга на која работите, за што се работи во оваа книга?
Моментално работам на уште еден семеен роман. Четири приказни, четири погледи на татковството.
(Интервјуто го подготви Владимир Јанковски.)