– Интервју со Јахим Топол –

Она што го пишувате честопати истовремено е и реалистично до документарност и апсолутно неверојатно. Гротескно. Во најмала рака чудно, извртено, брутално… Во критиката напишана за романот „Чувствителен човек“ се спомнува и определбата на вашиот книжевен стил како „халуцинантен реализам“ со акцент врз халуцинацијата, која впрочем и вие во романот ја употребувате како важен топоним (така го именувате кампот покрај Сазава). Ја прифаќате ли оваа определба?

Сè во книгата се потпира врз реалноста. И најневеројатните приказни имаат извесна реалистична основа. Во борделот што е опишан како пријатно место во сoседството и самиот имам одено и, нема да се преправам дека само на кафе; така што одредени девојки, на пример, Монча или Светлана, имаат свои прототипови во некои девојки што ги познавам. Заедно имаме минато многу кафеански вечери во разговор. Би требало да сум луд да не го искористам тоа при пишувањето.

Тие проститутки се навистина горди што се во мојата книга, иако ја немаат прочитано и, веројатно, нема ни да ја прочитаат, затоа што, едноставно, книгите не ги интересираат.

Уште од детството имам скитано покрај реката Сазава, која има важна улога во романот. Во селцата што ги опишувам го знам секој камен, ги знам луѓето денес таму од дедовци до внуци; многу често скитав на тие места пијан и преспивав по разни брлози на „речните луѓе“, кои се ројат крај реката особено лете, а не знам каде се кријат и се греат во текот на зимата, така што, мислам дека моето пишување произлегува од древниот романтичарски модел, поточно од пренесување на делови од сопствениот живот кај јунаците на книгите.

Но, навистина, досега секогаш ми успевало да избегам од таа поврзаност со моите ликови, па во моментов живеам прилично нормално, а додека ја допишував книгата во трошната куќа што ја наследив токму покрај Сазава, година и два месеца не се напив никаков алкохол. Дури ни пиво кое, како што е познато, е чешка легенда.

Чувствителноста е во самиот наслов на вашиот најнов роман. Има ли уште место за чувствата денес или отапевме за сè што ни се случува? Кој е вашиот однос кон чувствителноста? Таа ли е еден од можните клучеви за влез во вашата приказна?

На едно место во романот таткото му покажува на момчето камен кренат од дното на студената река, а во неговите вдлабнатинки се вгнездени безброј водни животинчиња, црви што се населени во него и си егзистираат, си живеат пргаво таму.

Се сеќавам дека имам гледано таква „подводна телевизија“ како дете, кога се глупиравме со другарите и правевме бранички, па се чудевме колку многу водни чудовишта, разновидни бубачки, ларви секогаш има во камењата во таа ладна брза вода.

Таткото на момчето во романот му го покажува животот без топлина на тој камен.

А дали воопшто е можен живот без топлина, без човечка чувствителност, срдечност, па дури и без чувства и љубов?

Мислам дека е можен, но таквиот живот е тежок и депресивен. Токму од тоа се обидуваат да избегаат моите честопати сурови и огрубени јунаци. Од животот без чувства. Јас велам дека „чувствителен“ човек е секој што има потреба од други луѓе во животот. А такви сè уште нè има, и мислам дека повеќето сме такви.

Приказната се плете околу рускиот тенк извлечен од дното на реката Сазава. Каков е односот на современиот Чех кон комплексната историска етапа на советската доминација пред Кадифената револуција? Самиот сте биле поборник за слобода и потписник на славната Повелбата 77 на чешките интелектуалци во тој период. Како гледате на тоа историско искуство од денешна перспектива?

Историскиот страв од агресивната Русија, од болшевичка Русија која своите милиони противници ги беси, ги стрела и ги затвора по Гулазите, за жал, сè уште постои. Се темели врз тоа што по Втората светска војна, Советите заедно со колаборантите во Чехословачка воспоставија груб сталинизам со концентрациони логори и егзекуции. Во 1968 година Чехословачка, која тогаш се либерализираше, повторно беше нападната од советските руски тенкови кои се движеа на чело на војските на Варшавскиот пакт. А тоа е едно од основните искуства токму на мојата генерација. Сето тоа веќе е минато, но стравот повторно оживува со владеењето на доминантниот и агресивен Путин, кој сака да владее сè до својата смрт и кој ги уништува сите противници. А во деведесеттите години, по падот на Железната завеса, верувавме дека во Русија е доволно да се смени старата комунистичка влада и дека Русите се во срцата демократи, па ќе можеме да другаруваме и да си помагаме. Но, се прелажавме. Русија го измачува светот со редица сомнителни каузи. Руската агресија уште е жива во војната во Украина. За жал. Стотици илјади тролови постојано го напаѓаат виртуелниот простор…

Јас сум еден од оние што пораснаа со руската книжевност и со воодушевување кон храбрите руски дисиденти; многупати сум престојувал во Русија и во Украина. Но, Путиновата студена, сурова, пресметлива и војничка Русија едноставно копнее да завладее со светот. Како некое разлутено мало момченце на песокот кое шутира и им ги урива песочните кули на останатите деца. Мизерно и непријатно, ама за жал, тоа е така.

Може ли односот кон историјата да биде товар? Што мислите за историската траума? Ова прашање, пред сè, е рефлекс на вашиот фамозен музеј во романот „Работилница на ѓаволот“, но го проникнува и целото ваше творештво, зар не?

Се трудам веќе да не мислам на историјата!

Но, особено во Источна Европа, онаа што е поисточно од Чешка, уште има скриени места на некогашните злосторства, уште има неоткриени масовни гробници, и присутна е комплексната историја на нацизмот и на комунизмот; уште се живи некои од последните жртви, па и некои од последните злосторници.

Но, јас веќе сакам да избегам од тоа. Современиот свет е толку многу интересен, сегашноста ме фасцинира. Не сакам веќе да копам по минатото. Се разбира дека и во иднина ќе откопуваме некакви си руски тенкови и стари тајни. Но, јас сакам да избегам од тоа!

А светот на средноевропските книжарници во кои без престан се натрупуваат нови и нови книги за холокаустот, за Втората светска војна, за сталинизмот, макар и да станува збор за генијални книги, сепак, веќе ми е одбивен. Имам прочитано премногу такви книги.

Во типично чешки дух и овој ваш роман има сатирични елементи и актуелни политички алузии – како минува тоа кај пошироката чешка јавност? Колку ви е важно вам лично да ги допрете актуелните политички теми, како европската интеграција и бегалската криза, на пример?

На хартија го истурам она што ми се врежува в глава, што се вклопува во приказната, што има влијание врз луѓето околу мене и што тие ми го раскажуваат мене. Но воопшто не размислувам за тоа што е, всушност, актуелно. Морав да мислам на тоа кога работев како новинар, додека пишував за весници или за списанија. За мене прозата е искажување на животот, на егзистенцијата, без оглед дали гротескно или тајновито, но во никој случај не ми е важна политичката актуелност.
И покрај тоа, имаше силна политичка реакција во врска со мојот роман „Чувствителен човек“. На пример, оваа книга го разлути поранешниот претседател Вацлав Клаус, и тоа не само затоа што тој е јасно противевропски и проруски.
Тој се налути и затоа што не ја опишувам Чешка како прекрасна, идилична и успешна земја со која владее тој, како прекрасен претседател. Дури беше смешно како се вдаде против мене, заедно со своите советници, и како ме навредуваше.
Од друга страна, си реков дека тоа е можеби знак на почит, затоа што тој припаѓа на генерацијата која сè уште ја сфаќа литературата сериозно.
Многу јасно, мојот издавач беше воодушевен од големиот интерес на медиумите и навистина се продадоа многу примероци од „Чувствителен човек“.
Јас, секако, мислам дека тоа е добро напишана книга, мудра и комична, па со тоа и забавна книга, без оглед на она што за неа го тврди некој политички моќник.

Романот го следи хронотопот на пат, целиот е во движење, во манирот на Керуак. Затоа и се состои од нижење епизоди, без класична структура на вовед и заклучок… Како се раѓаа епизодите? Би можеле ли тие да имаат посебен книжевен живот? На пример, епизодата за Крлушка (Водниот човек) функционира како силна приказна во приказна. Каква е вашата методологија на пишување?

Токму Крлушка е лик на човек кого го познавав. Имав шест години кога со постариот братучед и со другите деца одевме кај Крлушка, кој беше чуден, безопасен, но малку недоветен човек, што се дружеше со децата, а живееше во влажна куќичка крај реката. Кога имаше поплави некогаш ноќеваше на дрво, другпат два дена мина на покривот, врзан за оџакот, зашто тогаш немаше хеликоптери да надлетуваат во време на поплави и да ги собираат луѓето… беше познат по тоа што никогаш не бегаше од поплавите. Нè учеше да ловиме риби; нам, на малечките ни врзуваше на стаповите тапи и ние божем ловевме.

Беше тажно што некако се заплеткал во некои кражби на железничката станица. Работниците на пругата краделе роба од возовите кога тие со намалена брзина влегувале во станицата и ја криеле во неговата куќарка.

Тој, најверојатно, за тоа добивал понекое шише рум.

Но, го затвориле и добил казна од две години. За жал, се разболел и кусо време по одлежувањето на казната, умрел. Но, тогаш јас веќе не живеев во тоа село. Имам безброј вакви приказни.

Меѓутоа, мојата методологија на пишување, за жал, подразбира долготрајност, мошне долго го пишувам она што е основен материјал, а потоа постојано го менувам и го препишувам бесконечно, ама навистина речиси бесконечно. Им завидувам на авторите како Џек Керуак и Бохумил Храбал кои пишувале со извесен метод „од прва рака“ и речиси воопшто не го поправале она што го напишале. Се разбира, доколку сето тоа не е само легенда, таа нивна леснотија во пишувањето…

Може ли да го замислите вашиот роман „Чувствителен човек“ на филмско платно? И каков е вашиот став за односот филм-литература, со оглед на тоа што веќе се филмувани некои ваши дела?

Веќе се снима филм според „Чувствителен човек“, а постои и одлична драмска претстава по мотиви од романот, но мојата реакција на нив останува иста: купете ги правата и направете си што сакате и мене не прашувајте ме за ништо и ништо не барајте од мене. Јас во главата сум веќе некаде другаде, во некоја друга книга, и не сакам да им се навраќам на старите.

Можете ли да издвоите некој автор (или некоја конкретна книга) кој извршил клучно влијание врз вашето пишување или врз вас лично? Какво значење има за вас тој автор или таа конкретна книга?

Е, ова спаѓа во категоријта на неподносливи прашања зашто имам голем број омилени автори и авторки! Но, ајде, сепак, го избирам францускиот писател Луј Фердинанд Селин и неговото дело „Патување до крајот на ноќта“ кое претставува епохален европски роман, и тоа не само според мое мислење, а неодамна се појави во нов превод на чешки јазик што го направи преведувачката Ана Каренинова.

За мене овој роман претставува базичен израз на тоа што значи да се биде човек, и што сè опфаќа тоа, и не би сакал повеќе да должам. Оваа книга првпат се појавила во 1932 година и со својот неверојатно директен, а истовремено најобичен стил, своевремено претставувала револуционерна новост, а јас мислам дека не е надмината ни до денешен ден.

Како се справувате со новонастаната глобална закана од Ковид-19? Не е ли тоа нов предизвик за чувствителноста и за хуманоста воопшто? Пишувате ли нешто во овој момент?

Токму сега пишувам нешто од совремиево, така што веројатно и Ковид ќе мора некаде да се појави. Можеби ќе ви звучам чудно, ама сета таа глобална закана, како што ја нарекувате, мене ми изгледа некако нереална. Веројатно е смешно така да се каже, свесен сум за сите сложени предострожности, за затворањето на границите, за економските карамболи, за губењето на животи… но, длабоко во себе, едноставно, не верувам дека пандемијава, како што ја нарекуваат, претставува закана за опстанокот на човештвото.

Разговорот го водеше: Соња Стојменска-Елзесер

„Чувствителен човек“ од Јахим Топол