Драг Калин,
Кој ти е омилен лик од „Грозовилата во Страшната шума“? Зошто?
Па, ежот ми е омилен, затоа што е смешен и добар другар, и ја учи Грозовилата како да се однесува добро, кога таа се чешлаше со него тој се налути, имаше навредено муце…
Каква е според тебе Грозовилата? Дали е страшна? Опиши ја по твое.
Грозовилата е смешно-страшна, таа е девојче со рогови, малку добро, малку лошо… И се вика Ежмила, палава е… Воопшто не е грозна оваа грозовила, слатка е.
Која сцена од книгата те бендиса најмногу?
Делот кога Грозовилата го скротува Дивилото, кога сите животни се пикнаа во нејзиниот кревет затоа што се плашеа, оти мислеа дека ветерот е чудовиште…
Исто така, кога наежениот еж стави едно црвено тенџере на едната рака и друго зелено тенџере на другата рака и омилениот чорап на главата за да ја исплаши Грозовилата…
Ако си замислиме дека можеш да влезеш и ти во Страшната шума, што би им предложил на Грозовилата и животните да правите? Како ќе си играте?
Кога би бил во Страшната шума, би трчал и би си играл со Грозовилата и сите животни, би било супер ако најдам и некој диносаурус…
А ако Грозовилата и животните од Страшната шума дојдат во Скопје, каде би ги однел? Што би сакал да видат?
Би ги однел ликовите од Грозовилата на Водно, да ја споредиме нивната шума со мојата.
Авторката Јана Бауер има напишано и втора книга за Грозовилата. Што мислиш дека е можно да се случува понатаму во приказната? Дали Грозовилата ќе се сретне пак со животните од Страшната шума?
Мислам дека Грозовилата нема да се врати во Страшната шума, ама животните ќе ја бараат, некоја чудесна авантура… И мислам дека ќе биде зима.
Којзнае дали ќе има снег, во таа другата книга. Прво треба да ја напишат книгата, па да ја издадат, па да ја купиме, не може тоа тукутака, дур трепнеш да ти стигне книгата…
Калин, ме интересира, кога сам би напишал книга за деца, за што би била таа?
Би пишувал авантуристички, вештерски книги. Треба да има потрага, препреки, диносауруси, џинови, чудовишта и вештерки. И сето тоа споено.
Ти благодариме, Калин!