Ги замоливме преведувачите да ни одговорат на две прашања во врска со книгите што ги преведуваа во рамките на проектот „Европски приказни на надеж“:
- Кој Ви беше најголемиот предизвик при преведувањето на ова дело?
- Каква порака на надеж, според Вас, носи приказната?
Ова се нивните одговори.
Ацо Пероски, преведувач на „Антарктик“ од Клер Киган
Специфичниот стил на авторката дефинитивно беше најголемиот предизвик при преведувањето на оваа книга. Станува збор за мошне богат јазичен израз кој се менува од расказ во расказ и кој често кореспондира со приказната и со ликовите. Оттука, беше потребно да се внимава да се долови специфичноста на секој расказ, да се пренесе соодветно во македонскиот контекст, а сепак да се задржи динамичноста што ја има оригиналот.
На прв поглед, расказите од „Антарктик“ не изгледаат како да носат некоја порака на надеж зашто прикажуваат луѓе во преломни мигови, во моменти на криза. Често има и иронија и црн хумор. Меѓутоа, ова е така ако се гледа секој расказ засебно. Кога ќе се земе книгата во целина, таа на едно поопшто ниво ја прикажува самата книжевност како надеж за справување со мрачната реалност во која живееме. Овие раскази се врвна книжевност и уживањето во нив е она на што може да се надева читателот, а неговите надежи и очекувања да не бидат изневерени.
Златко Панзов, преведувач на „Магнетен Рид“ од Река Ман-Вархеѓи
„Магнетен Рид“ е роман за академската заедница, роман за напредување во универзитетска средина, роман за социолози и антрополози. При преводот се среќавав со многу социолошки термини, предавања, социолошко-филозофски монолози и дијалози, поради тоа морав да работам на терминологијата што се користи во споменатите научни области, а истовремено и да прочитам неколку социолошки статии и биографии на социолози и антрополози кои се споменуваат во романот. Тоа ми беше најголемиот предизвик при преводот на овој роман.
„Магнетен Рид“ е симбол за неможноста да се излезе од магичниот круг на социјалниот статус, и покрај лажната надеж што ни се сервира од општествата во кои живееме дека ако доволно се трудиме и работиме, ќе успееме да се извлечеме од кругот. Но, надеж мора да постои, а борбата колку и да е тешка и колку и да изгледа безнадежна, мора да продолжи до остварување на крајната цел. Ликовите во романот не се откажуваат, надежта за промена останува да тлее некаде длабоко во нивните различни светови.